Вера од дела

“ Но може некој да рече: ти имаш вера, а јас имам дела. Покажи ми ја верата своја без дела, а јас ќе ти ја покажам верата своја од моите дела. Ти веруваш дека Бог е еден, добро правиш; но и бесовите веруваат, а треперат. Не сакаш ли да разбереш, о суетни човеку, дека верата без дела е мртва? ”  (Јаков 2, 18-20)

Имам вера поголема од синапово зрно со што мислам дека можам и планини да преместувам од нивните вековни темели бескрајно подалеку во пространства кои дури и не одговараат на нивната географска однапред распределеност. Верувам во Бог Отецот и мислам дека тоа е доволно  за да бидам бескрајно послужен на земјава со сите убавини кои ми доликуваат на степенот на мојата вера и дури и малку повеќе како бонус за лојалност. Верувам во Исус, Богот Син, и мислам дека нема да загинам и ќе имам живот вечен исполнет со утрински будења со незамисливи мелодии од харфи изведувани, попладневни одмори на извори со вода постојано избистрена и вечерни седенки покрај палми помеѓу чии лисја пирка ветрец кој раскажува бајки со среќен крај. Верувам во Светиот Дух, Утешителот, кој го одржува храмот во мојата душа, го чисти од страстите и ги пади демоните и мислам дека набрзо ќе бидам исфилтриран од негодното и провиден како солза капната од детско невино око заплакано по скршена играчка. Верувам во Крстот, симболот на верата на кој се запечати заветот помеѓу Бог и човекот, на кој й се укина дозволата на смртта да упокојува и се воспостави слободен премин во царството на Небесата, и мислам дека ќе бидам еден од патниците чии исправи нема да се проверуваат и на кои им е доделена придружба за безбедно пристигнување до вечната дестинација. Имам вера во тони измерена и мислам дека тоа е доволно.

Секако овие мисли се само изведени од мојата мудрост и би рекол дека не вредат ниту пет пари соочени со вистината. Верата без дела е мртва, исто и јас покоен во својата убеденост и ненастојување да се обидам да го променам тоа. Да побрзам да се зафатам со делата кои ќе го зачнат плодот кој ми е потребен да ја поткрепам и одржам, да го измислам нивното име кое ќе ми стане навика секое утро да ги наречам со него за да добијат дефиниција која ќе ме води во нивното спроведување доцна до вечерта во која нема да спијат додека не се остварат. Едно од нив ќе го наречам пост за да ми помогне да го победам стомакоугодувањето и блудот, и ќе згасне огнот во мене кој ме проголтуваше без да ме доизгори, само ме печеше со болка која бараше одново и одново да седнам на трпезата или покрај испотените секогаш различни тела. Друго ќе наречам трпение за да ми помогне да ја стивнам олујата на гневот во чиј виор секојдневно сум потпаднал, да го издржам првиот нејзин налет кој е најсилен, но и останатите кој ме поткршуваат на делчиња за полесно да ме совладаат. Трето ќе наречам молитва за да ми помогне да останам блиску до земјата во прашината од која сум создаден, во која ќе се вратам и на која наликувам, за да ја проголтам гордоста и исфрлам преку дебелото црево за да не остане во мене и ме подува како меур од сапуница со кратко траење. И четврто ќе наречам покајание за да ми помогне да ги измијам сите гревови кои како трња удобно се сместиле по моите дамари и дупчат како сврдли повеќе без цел нешто да ископаат отколку да се изживуваат со мојата совест.

Не можам да ви ја покажам верата моја без дела. Празна е, сама е, клета е. Мисли дека знае кому се обраќа, уверена е дека Бог е фрижидер, дека за се што ни е потребно, ќе побараме и ќе ја отвориме вратата за да посегнеме. Се надева дека ќе помине по пократкиот пат, ќе учествува во сите земни задоволства, а сепак ќе го добие билетот за Небото. Не сака да запомне дека треба да пролие крв за заветот, за десетте заповеди, за Крстот кој веќе е измиен со онаа на Јагнето, за борба против бесовите, и за пустата желба да се биде вистинско Божјо дете.

СП Апостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: