Како чудно ќе заскитаме во светот на погрешните партнери?

Читав еден прекрасен текст за простувањето. Дали треба да им простиме на сите кои ќе ни нанесат зло, дали МОРА да простиме и ако не, дали ние остануваме и понатаму христијани, луѓе или нешто слично. На мојот маж Д еднаш му напишав порака, која денес мислам дека е половична: ‘Тебе не ти простив и не знам дали сакам некогаш. Ми направи многу зло и со тебе нека се мачи некој друг. На крајот најтешко од се’ е да си простам на самата себе што не си заминав порано и достоинствено од човекот на кој лагите, неверството и сплетките му беа основна храна, а будалетинката јас очекував нешто сосем поинаку’.

Како планираме да ги зацелиме раните без да го отпуштиме оној еден, кој ја предизвикува таа болка а, по ѓаволите да се избрише сеќавањето не може? Никако. И тогаш во еден момент се случува пресврт, па простуваш и пушташ и поради себе и поради луѓето кои ги сакаш. Не можеш здраво напред ако во тебе има уште бес и огорченост кон некој кој направи нешто, за што во суштина и единствено е способен. Не го задржувај во никој облик оној кој ама баш со ништо не заслужи да го задржиш.

Се надевам само дека она што нив им е нормално и што никако не сфаќаат колку можат да повредат со своето мизерно однесување и да те скршат за срцето да ти застане, нема да стане сечие нормално, но кога подобро ќе размислам, можеби во тоа и лежи клучот на се’. Што е нормално?

Запнуваме. Мислам дека ќе залутаме во туѓи светови и почнуваме да поминуваме одредено време во борба помеѓу две нормалности, нивната и нашата. Запнуваме! Додека не сфатиме и не прифатиме дека независно од висината на повредите и изгубеноста не’ чека долга или кратка, но стрма угорнина. Од која сигурно ќе паднеш. И ќе се скршиш на ситни делови. Така тоа некако изгледа, но лекцијата е научена.

Затоа за секој следен чекор и на рамен пат, подзастанувај, одмарај и ако старите рани те заболат, изми ги со солзи и продолжи понатаму. Само така од лошата приказна ќе излезеш како човек. И никогаш ништо не земај здраво за готово! И тогаш простувањето доаѓа, кога ќе се ‘стигнеш’ себе и оние кои ти се драги. И ќе ти биде полесно. Нека одат од каде што дојдоа, секој на своја страна и секој во свој свет. Кај нив нема повеќе да залуташ. И затоа не се откажувајте, не останувај таму каде што не ти е место, па одболедувај, слечи го бесот, престани да тагуваш, прости и отпушти ради себе, бидејќи си најважна.

Наташа Гашперов

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: