Нескротливо зло

“ Зашто секаков вид ѕверови и птици, лазачи и риби, се скротува и се припитомува од човечкиот род, а јазикот никој не може да го скроти, тој е немирно зло и полн со смртоносен отров. Со него Го благословуваме Бога и Отецот, со него ги колнеме луѓето, создадени според подобието Божјо. Од истата уста излегува и благословот и клетвата, не треба браќа мои, тоа така да биде. А тече ли од ист извор слатка и горчлива вода? ”  (Јаков 3, 7-11)

Да кажам или не, прашање е сега. Не верувам дека ќе излезе нешто добро од неприпитомен јазик, но да се обидам да изгледа не толку уверливо со кое би ги убедил собеседниците, кои патем речено можат несвесно и да бидат измамени, колку повеќе да остави впечаток врз мојата совест дека навистина сум на почетокот од нешто ново. Ќе му издадам инструкции од наредбодавецот мозок да спелува букви и прореди во комплекс на зборови кои внимателно избрани не би требало да бидат отровни за средината во која ќе циркулираат и ќе бидат весници на една добра намера полна со сесветска љубов. Но, злото демне под секој камен, во секоја жиличка на коренот од постоењето, па неминовно ќе го прелаже и мојот јазик, дури и во неговата најголема принципиелност кон начелата, и ќе проговори во токсична конотација. И тогаш, нема многу да се разликувам од гневливиот и демонизиран говорник чија пена на устата раширила реа на посмртни останки од материја во распаѓање.

А тече ли од ист извор слатка и горчлива вода? Не можат молекулите да им се измешаат по патот на струјата без да покажат нетрпеливост по однос на нивната различна етничка, полова и расна припадност, па преферираат да истекуваат од различни извори со што би ги избегнале допирните точки кои ги прават навредени и понижени. Според тоа, како се осмелува јазикот едновремено да благословува и колне, длабоко несовесен и несвесен за последиците од неговата дрскост? Кутриот тој, ќе ја покаже својата шеќерна страна и ќе го слави Бога за добиените дарови и избавувањето од примките на темнината, а потоа и другата горчлива, кога клетви ќе каже секому чија сенка му попречила во намерите. Што да правам со него, како да го сопрам во неговата дволичност, која иако е само резултат на поразот против искушенијата, не е и доволно да биде оправдување за една непостојаност, непромисленост и безобѕирност кои иритираат. Можеби да го казнам со тоа што ќе го ставам надвор од функција да биде курир на моите мисли кои треба да ги обелоденам во вид на сиже. Или да му ја одземам ораторската функција и го ставам под стражарски надзор кој ќе ги следи нарушувањата на немоста како лишеност од глас. Или пак, да зборува испрекинато, само тогаш и само онолку како еквивалент на долго промислена содржина, два пати претресена и извагана на тасовите на добрината.

Но ништо од горе наведеното, што беше добар обид да сторам нешто во границите на сопствената моќ и со мои сили дејствителни во рамките на еден ограничен разум кој произведува потпросечна мудрост и смешни резолуции. Господе Боже те молам дај ми јазик праведен кој ќе ми служи да го посеам семето на добрината во секоја средба, но не и да му служам на неговите неблагородни манири кои ги користи за да ме постави на видно место. Те молам дај ми јазик милослив кој ќе има утеха за секој страдалник, но не и за мене кога ќе ме убедува во мојата слава и достоинство. И те молам дај ми јазик спитомен кој ќе нема време за препирки бидејќи повеќето го поминал во молитва. Ако нема таков по мојата волја тогаш нека биде по Твојата и бидам само безгласен здив.

СП Апостол        

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: