Пред да се претворам во коцка мраз, ти служев само за да си ја изгасиш жедта

– Знаеш, ние…

Нема “ние”…никогаш и немаше…Нашето “ние”нема ни минато, а камоли иднина. Само “јас и ти”…но не во иста реченица…два различни светови заглавени на иста планета.

Јас секогаш премногу твоја за да бидам туѓа. Желбите врзани за твоето постоење. Соништата, огледало на твојот лик. Надеж окалена во твоето постоење. Насмевките избришани од моето лице. Премногу твоја…

Ти премногу туѓ за да бидеш мој. Мој…желба на која потрошив илјадници ѕвезди кои паѓаат. Желба која ја платив со многу непроспиени ноќи. Желба која остана неисполнета…ТИ, кој ми даде најмалку за паметење…најдолго те заборавав. ТИ кој не ми даде ни грам среќа…најмногу ме болеше.

Пред да се претворам во коцка мраз, ти служев само за да си ја изгасиш жедта. Со мојата љубов го хранеше своето празно его. Ми ги кршеше крилата за својата гордост. Ја изгаси ли жедта? Го нахрани ли егото? А гордоста…?

Никогаш не беше мој…а сепак срцево се скрши кога те пуштив….Некој друг се вљуби во сите мои демони…Искршените парчиња ги собира толку внимателно како во рацете да држи капка вода. Толку трпеливо ме составува како да го гради најубавиот храм. Моите зборови ги впива како со нив да сака да го испишува најмоќното евангелие .Неговиот свет доволно широк за моите крила…’Ние’, не ни беше судено…

Росана

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: