Должности на сопружниците

“ А така и вие, жените, бидете им покорни на своите мажи, та, ако некои од нив не му се покоруваат на словото, преку поведението на своите жени да се придобијат без услови, кога ќе го видат вашиот чист и богобојазлив живот. Така и вие, мажите, живејте со своите жени разумно, и почитувајте ги како послабо суштество, и како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши. ”  (1 Петар 3,  1-2; 7)

Веројатно погрешив со изборот на темата, но да се пишува за жената и онака е тест за секој автор кој со разумот се движел на самата ивица од бездната. Иако размислите се наменети за двата пола одекот ќе биде повеќе во слухот на понежниот, иако од дното на сопствената сѐ уште несовршена мудрост се трудев да толкувам праведно, само времето ќе покаже дали тоа е навистина така. И на крајот на краиштата, малку негативни критики се добредојдени во периодот на будењето.

            А така вие, жените, бидете им покорни на своите мажи. Сестричке мила, секако тоа не е онаа страшна понизност  која робот му ја дава на својот господар и верното куче на својот дресер, не е проследена со страв од казна или условена од материјална добивка, и не се прави со наведната глава и шепички склопени во силуета на молење. Веројатно се мисли на послушноста која треба да биде во границите на една темелна љубов и почит кои веќе ја утврдиле инстутуцијата наречена брак, на безгласноста во караниците кои би можеле да направат пукнатини во ѕидовите од таа тврдина, и во непрекумерната попустливост пред предизвиците за реализација на некои планови кои би можеле да ги зголемат пукнатините, го рушат ѕидот и остават отвор низ кој непријателот лесно ќе го раздели она што Бог за вечност соединил. И веројатно се мисли на нежноста која по опис е со толку голема прегратка која може да ја опфати лутината, бесот, намќоречките погледи и длабокиот баритон со погрдни изрази, и да ги скроти сразмерно со секое наредно утешително зборче.

Вториот дел е поблагороден секако. Преку поведението на своите жени ќе се придобијат без услови, заради нивниот чист и богобојазлив живот. Нејзината улога на сопруга која го исчекува во алкохолизирана веселост во ноќните часови и му ја држи главата да го олесни патот на блуениците. Нејзината улога на мајка која ги закрилува пиленцата додека тој не знае во кое одделение се оваа година или го заборавил роденденот поради нетрпеливоста за повикот на другарската средба. Нејзината улога на љубовница која не го одбива неговото умилкување и насреде најсилната бучава на хормони од кои не си го препознава ниту телото. Нејзината улога на мајка кога тој ја загубил сопствената, но сѐ уште има потреба за рамо за плачење и кроток исповедник.

            Така и вие, мажите, почитувајте ги како послабо суштество. Послабо суштество, каков парадокс компарирано со нејзината свест за моќност отсликана преку агресивноста на лавица за заштита на своето, нејзината анатомија трпелива на болка која ги ништи органите, но и на онаа која ја дроби душата, и нејзината мудрост да донесе одлука која не е ниту милиметар далеку од вистинската. Веројатно се мисли на нејзините пропорции кои се порцелански кршливи во обидот да се повреди таа чувствителност склона на солзномиење.

            Вториот дел е поблагороден секако. Вие мажите, почитувајте ги како сонаследници на благодатниот живот, за да не се појави препрека во молитвите ваши. Не се обѕирнувајте на поговорките дека позади секој успешен маж стои жена, дека мажот е главата, а жената вратот кој го насочува каде посакува, и дека жената е зло без кое не се може. Не дека нема вистина во нив, туку дека поважна е онаа да и двајцата ќе бидат имиња во тестаментот за  враќање во изгубената земја наречена рај. Но, секако со многу молитви кои не би требало да бидат попречени со нетолерирањето на основните принципи за соживот помеѓу две понекогаш своеглави суштества.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: