Внатрешна  убавина

“ Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите, китењето со злато или облекување на облеки, туку – внатрешна, во срцето на сокриениот човек, во постојаност и тих дух, што е драгоцено пред Бога. ”  (1 Петар 3,  3-4)

Поради фактот дека немам сеопфатна престава за поимот модерна жена, секако по дефиниција, инаку би можел да ја препознаам согласно лаичките познавања на невообичаеноста на екстериерот, морав да позајмам од сознанијата на интернет. Уште при првиот обид наидов на такви согледувања што се почувствував изненаден како одамна Олдрин на месечината. Тоа морам да го поделам и со вас, иако верувам дека вие во голем дел ќе знаете, дека модерната жена ќе треба за летото кое ни следува да се подготви со бел краток фустан, ласерска депилација, очила за сонце со бренд кој се пишува со многу согласки истуткани една до друга, чанта со летен стајлинг, да добие фит линија, чевли како оние во плакарот на Кери Бредшо, свилени трепки и јапонско исцртување на веѓи, и третман за помладување. Сето тоа ќе биде гаранција за убавина, убавината ќе биде израз на среќа, среќата ќе биде уживање во животот. Убаво напишано, но …

Вашата убавина да биде не надворешна, односно во плетењето на косите. Во одразот во огледалото како ваш најголем сојузник ќе се воодушевувате на ликот кој се преобразува пред вашите очи и после секоја промена на насоката и квантумот на прамените често ќе сјае со нова непрепознатливост. Ниту во китењето со злато, чиј сјај скоро секогаш е лажен и ги прави впечатливи само осветлените делови од вашата анатомија кои ги заситуваат единствено гладните погледи за каратна скапоценост. И ниту во облекување на облеки кои ќе го кријат вишокот, ќе го покажуваат јавно она кое е само за неговите очи, ќе го истакнуваат она кое предизвикува завист, ќе го намамуваат она со незасрамена блудност. Сето тоа е убавина, но…  Вашата убавина да биде внатрешна, во срцето на сокриениот човек. Таму се одгледува долготрпеливоста која побрзо ја заборава навредата од насолзените детски очиња скршената играчка, добрината со меки зборови за опис на секоја неправда под небото, милоста чија подадена рака е израз на сочувство кон паднатиот свет, верноста кон својот став, семејството и идејата за подобар живот, кроткоста како онаа на јагнето пред колачите негови. Вашата убавина да биде внатрешна, во постојаност и тих дух. Да се протега од зората до зајдисонцето, да не се колеба во тешките денови, да не се покајува после првите паѓања, да отскокнува на секој повик на беспомошност, да излегува од сопствената кожа во тишината, да се враќа на почетокот кога сѐ тргнало во неповрат, да се насмевнува кога е време за плачење, да плаче кога е време за миење, да чисти кога сѐ друго е валкано. Сето тоа е драгоцено пред Бога.

Среќен сум поради фактот што немам сеопфатна престава за поимот модерна жена. И не би можел да ги сфатам свилени трепки и јапонско исцртаните веѓи, супер чевлите од нечиј плакар, забележлива фит линија, ласерски депилирана и вештачки подмладена. Не е ли доволно природното лице кое старее сразмерно на годините кои поминуваат, но ја задржало својата благост полна со спомените кои не ја уништиле туку продлабочиле. Или малку недефинираното до совршеност тело, повеќе обезличено од хормонските турбуленции и гмечено од притисокот на бремињата потешки од планини. Или вообичаената и понекогаш иста облека за сите периоди во денот на која не се задржува погледот кој имал поприоритетен фокус кон тие очи кои неодоливо привлекуваат. Верувам дека сето тоа е подрагоцено и пред Бога.

СП Апостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: