Колку страдањето е полесно кога знаете дека Он се грижи за вас

“ Сите ваши грижи оставете ги на Него, зашто Он се грижи за вас. Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта; спротивете му се со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот. ”  (1 Петар 5,  7-9)

Што ќе промениме со нашата грижа околу секојдневното, со долгите непроспиени ноќи во кои броењето на овци е најбезболното, солзи расфрлани по перниците и навлажнети шамивчиња, караници и обвинувања кој е повиновен, битисување во пекол, специфичен по својот бескрај поради тоа што човекот не е создаден за да ги решава сопствените страдања, туку само да ги доживее, предаде и преживее. Сите наши грижи да ги оставиме на Него, зашто Он се грижи за нас. Малку апсурдно делува можноста да ја предадам грижата за моето мало богатство Некому за кој сум сигурен дека нема да го проневери, но исто толку сигурен дека нема да го оплоди и ми го врати зголемено за каматата. Едноставно ќе ми ја одземе долгата скрб по него, стравот дека ќе го изгубам, лакомоста да го намножам, и ќе ми даде нешто сосема друго, во поинаков еквивалент, но секако многу доволно за моите потреби. Исто така, што би постигнал ако мојата болест би му ја доверил Нему, кога знам дека не ме очекува брзо заздравување и лишеност од повремени болки, но знам и дека нема да задоцне длабока лекција за погрешно однесување на еден првобитно здрав човек, сознанието за немоќта на кревкото тело и оружјето за борба против неа, и за ветувањата како би било кога болеста би емигрирала.            

Сите ваши грижи оставете ги на Него, но сепак бидете будни. Вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да го проголта. Ве чека во темните сокаци на вашите мисли, ги проверува нивните вибрации и доколку почувствува дека се еднакви на неговата природа додава малку зачин, ги прави поцрни и ненаситни, и ви ги враќа за да ги преточите во дела. Потоа задоволно се смешка дека прелажал уште еден во листата на потенцијални патници кои ќе задоцнат на возот за Горе. Чудна е неговата студеност со која го прави тоа и која ме фасцинира, секако во негативна конотација,  дотолку морничаво што ме тера често да погледнувам над моето десно рамо каде се наоѓа Ангелот заштитник.

            Спротивставете му се на злото со тврда вера, знаејќи дека такви страдања ги снаоѓаат и вашите браќа по светот. Што е мојата болка наспроти онаа на бездетната, на сиракот кој никогаш не живеел во свој дом, на насилно третираната жена чии модрици се сведоци на неразумни трагедии, на сопружниците кои и после разделбата не ги сфатиле нејзините вистински причини, на болниот пациент со дијагноза на рак на кој прецизно му се предвидени деновите кои му преостануваат, на сиромашните кои се хранат со отпадоци, на богатите кои не знаат со што веќе да ја исполнат сопствената меланхолија, на природата која е природно уништувана од човекот, на човекот кој нечовечки е уништуван од човекот … Спротивставете му се на злото со тврда вера, толку непоколеблива како тврдина од која ќе се одбиваат вжештените стрели на лукавиот, како планина чие ехо на лагата ќе го претвори во тивко шумечки водопад по своите стрмнини. А, ако вашиот отпор е бессилен и недоволен повикајте кон Небото. Склопете ги рацете во молитва, со малку зборови бидејќи Тој веќе знае што ви е потребно, со многу скршеност посебно на чашата на гордоста, со блискост на дете со невини желби кои лесно ги побарува. Молете искрено од дното на срцето и ќе ви се даде.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: