Не верувам во сродни души туку во души кои ќе се сродат

Често слушам за сродните души, за тоа како двајца луѓе ќе се погледнат, затреперат, ќе ја поместат Земјата од нејзината оска, ќе заискрат посилно од ѕвездените експлозии и знае. Добро знае секој од нив дека токму тоа е нивната изгубена половина, одамна скинато делче од нивното битие, оној кој во минатите и сегашните животи луташе по небеските пространства во пуст очај дека засекогаш ќе живее така непотполно.

Вистината, меѓутоа е нешто поинаква. Во Вселенските пространства навистина лутаат битија, но тие стануваат нецеловити, создадени од крв и месо, ‘осакатени’ исклучиво од човечката потреба за блискост и љубов. Момент во кои остануваат скратени за делче од сопственото битисување е оној во кој ќе сфатат дека приказната за сродните души е мит. Моментот кога туѓото предавство, неверство, смртта на љубовта за која толку копнееле, одзема дел од срцето или разумот (она од кое прво се откажаа во име на љубовта, бидејќи секогаш се откажуваме, дури и тогаш кога не сме свесни) момент во кој се осакатени и непотполни.

Со секоја нова љубов, срцето по малку се троши; се ронат од него ситни делови. Никогаш не ги собираме, дури често ниту ги забележуваме. Знаеме дека нешто ни недостасува, но не можеме да замислиме каков облик имаше. Не можеме да се сетиме дали тоа ни служеше нас или ние му бевме слуги.

Во потрага за љубов осудени сме од моментот на раѓањето. Нема тука многу патетика, едноставно нашиот генетски код ни налага дека иако преживуваме од приземни и насушни работи како леб и вода, всушност живееме за гушкање пред спиење, бакнеж по будење, тишини полни со зборови. Храната ќе ни даде енергија, вода и воздух ќе но овозможи живот, но љубовта ќе ни даде причина. Причина и понатаму да лутаме, додека не најдеме душа која со нас ќе лута во ист смер. Душа која не доаѓа како изгубена половина, туку како пронајдена целина.

Таквите души воглавно доаѓаат со лице кое не сме го замислувале, тие се необработен дијамант, свет за себе кој чека да го сретне нашиот, подеднакво неизбрушен и несовршен. Чека долги разговори, одмерување на сили, преиспитување на минатото, сегашноста и иднината, прифаќање на неромантика на секојдневието- ‘ мљацкаш додека јадеш, сркаш супа, никогаш не ја затвораш тубата од пастата за заби, грицкаш нокти, никогаш не стигнуваш на време..

Душите ја проценуваат разликата и користа, се држат резервирано, па секој пет минути проверуваат дали имаат пропуштен повик, се убедуваат себе дека прво ќе размислат, па дури тогаш ќе чувствуваат, се плашат да разговараат за иднината, а иднината е единствено за што размислуваат. И тогаш некаде од тој вртлог ќе се одвои поток со мирна вода, толку бистра што ќе и’ го видиш дното со метри длабоко и душата ќе се сроди.

Токму тука, во таа тишина на среде брзаци, двојби и истражувања, две души, секоја целина и свет за себе, ќе се одлучат да ги здружат своите различности, да гледаат во ист правец со други очи. Не верувам во сродни души. Верувам во души кои ќе се сродат.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: