Наутро се будиш, се фаќаш веднаш за мобилниот телефон, а пораката веќе те чека…цвеќенце, срце, бакнеж или едноставно добро утро. Сосем доволно да добиеш крила и со радост да го почнеш денот. Многу позитивна енергија те носи и сите обврски кои те чекаат се толку лесни за решавање. Зарем не? Ах, таа виртуелна љубов…
Колку малку ни треба да се будиме среќни? Но, што ако тоа го нема? Ако утрото го почнеш сама, со тишина околу себе, со тишина на мобилниот телефон? Некои велат дека и тоа е убаво…мир, тишина, спокој. Да не се лажеме. Сите сакаме да сме во можност, да ја одбереме првата опција, во овој случај. Сите сакаат да менуваат еден момент на среќа со целодневен мир и тишина.
Колку малку му треба на човекот да биде среќен? Сосем малку внимание, од вистинската личност, само мал потсетник дека е тука и дека не си сама. Остатокот од денот, насмевката не можеш да ја скриеш од лицето. Остатокот од денот, среќна си. Мирна си бидејќи знаеш дека некој мисли на тебе, токму како што ти мислиш на него. Прекрасно е тоа чувство и не треба да се расипува.
Немој да се преиспитуваш, како ќе биде понатаму. Ниту случајно не ја замислувај иднината, ќе се изгубиш. Уживај сега. Препушти се и уживај во среќата, бидејќи тоа е тоа…среќа. Тоа се тие ситници за кои толку се зборува од кои се состои животот. Тоа нема да се повтори. Не ги барај причините, не ги претпоставувај последиците. Живеј сега, немој тоа да го расипуваш.
И сакај….со цело срце, од длабочината на душата. Кажи дека сакаш. Покажи што чувствуваш. Подоцна да не ти биде жал што молчеше. Подобро да жалиш за она што направи, отколку да го посакуваш она што не си, а можеше. Можеби после тоа ќе боли, можеби и после тоа ќе жалиш, но едно е сигурно. Никогаш нема да го заборавиш тоа чувство. Тоа беше среќен ден. А утре…можеби повторно ќе те разбуди порака. Или само сеќавање, кој знае?
Leave a Reply