Зошто силните луѓе имаат толку предизвици?

Веќе долго време знам дека најголемо добро е она што ќе го направам сама. Веќе долго сум одвоена од се’ што му смета на мојот мир. Веќе долго ми е далеку зад грб друштвото на лоши мисли и исти такви луѓе.

Веќе долго знам дека за некои животни мудрости се потребни години и време. Веќе долго знам дека грижата ми носи само непријатен страв за она што никогаш не се случило. Веќе долго гледам како небото има боја на виножито и кога дождот тропа, пее и лие.

Веќе долго време не мерам со дневен и ноќен час, туку со часовник во кој живеам свесно и со срце. Веќе долго не се потпирам на ништо материјално; во душата на најдрагите, оставам нешто трајно. Веќе долго ми е добро со мене и со оние кои ги ‘пуштам’ кај себе.

Веќе долго им се восхитувам на оние кои ова го сфатиле и примениле, а со младоста само што не зачекориле во живот. Веќе долго се тргам од луѓе кои работат само да одработат и да помине; одам во пресрет на се’, примам, какво и да дојде.

Веќе долго растам и срцето се полни, не се грижам за она- ‘ќе се потроши’, се’ додека гледам слушам и чувствувам. Веќе долго само ги затворам очите и застанувам под светло: било да ми се разлева маскарата низ солзи, било насмевката да ми сјае од сончевата топлина.

Веќе долго живеам во себе, надвор од себе, со себе, по свое и со оние кои разбираат и без збор. Веќе долго знам: можеш да бараш и чекаш ‘она нешто’, но ‘она нешто’ е во Тебе и ќе дојде, кога Ти ќе си дојдеш себеси.

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: