Прочитав една статија во која се зборува дека љубовта не е доволна. И не е. Се сложвам. Само тоа не го гледаш и не го разбираш толку многу, дури не го почувствуваш на своја кожа. Она што е најважно во сето тоа се чувствата; почитувањето и чувството дека вредиш за личноста која ја сакаш. Ако го нема тоа чувство, што е всушност љубовта?
Сите знаеме дека вљубеноста поминува. Пеперутки во стомакот, главата во облаци… Сето тоа се смирува со тек на времето. Кај некој порано, кај некој подоцна. Колку долго треба да помине за да сфатиме дека во односот не се чувствуваме ценето и почитувано? Колку долго треба да се чувствуваме вредно? Дали е тоа чувство кое ќе се јави на почетокот на врската? Кои се тоа ситници кои ќе ни укажат на тоа дека личноста не’ прифаќа во целост и такви не’ почитува?
Животот си го носи своето- обврски потешкотии, непредвидливи ситуации. Можеме ли во тие околности да ја почувствуваме својата вредност во очите на партнерот? Што кога тоа не го чувствуваме? Што се случува кога ќе освестиме дека цело време чувството на почитување и вредност е нешто за што се трудиме од петни жили, а не добиваме повратна информација? Или дури добиваме спротивни информации- дека не сме доволно добри? Дека секогаш ни недостасува она нешто за да бидеме добри? Дали е тоа доволно за крај на врската? За крај на бракот? За крај на една ера?
Прашувам бидејќи и сама сум на таква раскрсница. Односно, веќе ја прескочив таа граница. Нема смисла всушност ниту да се расправа, бидејќи јас веќе ги направив чекорите. Не сум во целост горда, но не видов друг излез, а се чувствував како да морам да излезам бидејќи ќе се удавам. Во морање, во замарање, во депресија, во негатива. Во се’ што со години ставав под тепих и што само се зголемуваше. Излегувањето од зоната на комфор.
Сега кога ќе погледнам наназад, не си верувам на сопствените очи што сум направила. Тешко е во сето тоа да се поверува бидејќи е сосем надвор од мојот карактер и надвор од мојата комфор зона. А само сакав повторно сакав да дишам. Повторно да дишеме со полни гради, надевајќи се дека се она што чувствував како окови околу себе, бидејќи знам дека сакам повеќе, сакам подобро.
Бидејќи знам дека можам повеќе и подобро, а цела средина во која се наоѓав само повеќе и повеќе ме гушеше. Тука си поставувам прашања- дали е тоа доволно добро оправдување? Дали воопшто ми треба? За кого? Дали за 10 год. ќе биде важно кои се причините? или за 20 год? На смрттна постела? Дали на крајот е се’ потешко да се живее со одлуките кои ги носиме или со тоа дека се помиривме со ситуацијата бидејќи се плашевме да го смениме она што не’ мачи?
by Рита
Leave a Reply