Дали во современиот свет останало место за еден праведник

“ Оти, кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи беззаконските дела, од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа; тоа Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија, а неправедните да ги држи во маки за судниот ден. ”  (2 Петар 2,  8-9)

Се помрднал светот од својата оска како замислена права околу која се врти едно тело и тргнал некаде отстапувајќи од природната траекторија, всушност која беше вистинската патека трасирана пред гревопадот, што доведе и до збрканост на неговите жители кои не можат да се пронајдат ниту помеѓу, ниту самите себе. Вредностите и критериумите за што е лошо, а што добро се сведоа на мизерно пазарење со интереси за нешто да биде добро или следење на некои трендови само во кои може да се биде препознаен и најприфатен со што веќе не можеше да се зборува за чисто лошо, туку некоја сивеста мешавина. Цел од самото будење стана напорот да се живее за телото и ужива во страстите кои го преплавуваат и наизменично и целовремено бараат да бидат задоволени, со самото тоа да не се остави простор за душата и нејзиниот крик за мирно пловење низ хистериите во еден турбулентен ден до пристаништето кое има сопствена ладовина.

Кога живееше праведникот меѓу нив, гледајќи ги и слушајќи беззаконските дела, од ден на ден ја измачуваше својата праведна душа. Не верувам дека го тиштеше осудата кон тие луѓе со од негов аспект ценејќи ја нивната непромисленост, а истовремено компарирајќи ја со својата праведност која, според негово за жал погрешно мислење, не би му дозволила да доживее такви околности. Бидејќи е праведник единствената причина за измачување на неговата душа би била жалта за нивното слепило во очите, глувост на ушите и закоравеност во срцето кои ги водат во бездната, еден коктел од акти на незаинтересираност за вистината која овозможува чинење на сосема поинакви дела. Трката по пропадливо богатство, горење во огнот на блудот и гневот, вишнеење со суетата до облаците без да се поседува безбедна летечка опрема, прекумерно конзумирање на храна и напитоци во однос на потребните и сразмерните дози за едно тело, мрзливоста да се оди по пократкиот пат послан со рози кои за кратко угинуваат во неописива реа. Тоа се само некои особини за кои праведникот ќе просолзи, но не со копнеж да учествува во истите, туку со скрб за нивното инволвирање помеѓу луѓето и со бура за неговата немоќ да освести некого од вечната зачмаеност раширена од отровното јаболко на лукавиот.

Господ знае како да ги избавува побожните од искушенија. И праведникот го знае тоа, па повеќето од времето кога дише го поминува во молитва, во разговор со Бога за неговата сеуште рана возраст која сама по себе носи наивност и неподготвеност за борба против злото. Праведникот е свесен дека само малку од нив стигнуваат до зрелата возраст до Исусовата полнота, и затоа доволно е да го помоли Таткото за тунел под искушенијата, место со кои би ги избегнал, за да не се соочи и повторно посрамоти од нивната победа. Далеку од очите, далеку од срцето и очајот.

Господ знае како неправедните да ги држи во маки за судниот ден. Праведникот се уплашил од тоа како осамено маче среде виулица. Да нѐ биде неправедник, да нѐ остане во крајната темнина, во местото на плач и крцкање со заби. Не дека местото без светлина е страшно самото по себе, туку дека е осамено, полно само со неправедните. И не дека ќе биде помеѓу неправедните, туку дека таму ќе го нема Него. А без Него ниту праведноста би била мерлива, ниту судниот ден би бил многу поднослив.

SP Aпостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: