‘Со тебе сум целосно, но не можам. Тебе те посакувам, со тебе се будам, со тебе легнувам, но не можам. Никогаш порано не се чувствував вака, јас не знам како да бидам со зрела жена, ме плаши она што во мене се случува’.
Плаче пред тебе, гледаш дека не лаже. Значи, не е некој друг во прашање, а и да е- тоа е ескапизам во навикнато, во полесно, во едноставно. Плаче пред тебе, гледаш дека се кине- те посакува, но не може? Па што е тоа?
Ако се напнам со сите делови на моето духовно битие, разбирам. Разбирам дека туѓото заминување е повторно враќање кон себеси. Разбирам дека луѓето кои се во нашиот живот, всушност се наше огледало. Разбирам дека секое заминување е потсетник дека е време да се соочиме со себе и да видиме кој мајчин страв од утробата со себе зедовме, па секогаш завршуваме со луѓе кои не се за нашата душа. И ако имаш малку мозок, ова малку ‘разбирам’ ќе го преформулираш во ‘тргнувам да го освестувам’- па така игранка без престан.
Ама…тука е господин Его кој не се смирува. Го пуштам Егото да почне монолог, а потоа почнуваат како топчиња да скокаат во главата мисли, удираат по отупените ходници на ‘тиквата зелена’ пополнети само со една реченица – ‘Оставена сум’. И ја вртам таа мисла, и’ давам 3D и 4D форми, правам скриншот на секој допир и поглед во главата, се оддалечувам и приближувам до нас, од заминувањето- за да разберам. Но, Его ко Его- не слуша туку ме враќа на почеток, па вели: ‘Аха, океј. Разбирам.
Чекај, што јас разбирам? Си одиш бидејќи се будиш и цветаш, не си навикнат дека не е така, па си заминуваш. Во ред, има смисла. Има ли? Не знам, тоа не е моја вистина. Мојата вистина е дека сум оставена 72 часа после реченицата ‘Не постои тоа што може да се случи за да те пуштам. Оваа среќа не ја давам на никој’.
Чекај, кој е овде луд? И зборовите се точни. И овој страв е вистина. И повторно, ќе се укотвиш во себе и ја повикуваш логиката, бидејќи овде емоцијата не е валидна. Зид- повторно. Ништо не ти е јасно и уште еднаш Егото ќе те потсети дека си оставена. И ќе си кажеш себеси: Океј, оставена си. Преживеав многу полошо од ова. Се’ е во ред. Мислам, не е во ред, но ќе биде. Во еден момент. Супер сум, денес ќе се дотерам и ми е гајле. Ќе бидам супер. И сум супер.
И тогаш почнува да грми. Тум- дум, тум- дум, тум- дум…срце, мозок и телото вибрираат со исто она его- чувство кое себеси си го забрани. Со чувство на збунетост. Неразбирање. Страв. Тага. Разочараност. Ниту после неколку дена грмењето не престанува, а ти и понатаму луташ во себе да најдеш причини кои рационално не умееш да ги објасниш. И те боли, ексик. Баш те боли.
Те болат сите премолчувања помеѓу, сопствената наивност и слабост која ја чувствуваш, секојдневно. Те боли лицето кое повеќе не го гледаш и гласот кој наскоро ќе го заборавиш. И ти се распаѓаш, па се собираш, ама те боли…и тоа е во ред. Мислам, не е во ред, но ќе биде. Во еден момент. И тогаш..
Сфаќаш дека за да можеш да се преживееш самиот себе, мора да пуштиш. Веднаш. Утре. За еден месец. За седум години. Но, мора да пуштиш. Да пуштиш секој да ја живее својата вистина а ти да не си дел- од овие или оние причини. И да си го простиш себеси секој следен час во кој ќе страдаш. Да го прифатиш, одживееш и простиш. Бидејќи, да се фокусираш на причините со цел да ја разбереш вистината ни малку не е благодарна работа. Ќе изгориш и согориш, а и понатаму не знаеш дали она што го сфати е продукт на твојата желба или вистина која ти падна во крилото благодарејќи на твоите, кобајаги, силни интелектуални и емотивни капацитети.
Ќе се исцрпиш, изгориш и се’ што знаеш е дека на десната страна на креветот е перницата која повремено ја гушкаш а таму никој нема. Хеј, а и време е да се свртиш кон себе и да се засакаш себе. Каква врска има љубовта кон себе со ова? Ниту јас знаев и сфаќав, бидејќи не умеев. Но, еве, изгледа, почнувам да разбирам и да прифаќам дека љубовта кон себе има голема врска со сето тоа- со оставени и оние кои оставаат, со сопствената болка и среќа, со вистините и лагите.
Кога себеси ќе почнеш да се признаваш преку партнерски и пријателски искуства, всушност тргнуваш по патот на Вистината. Тогаш ќе сфатиш дека ова, сето ова, не се однесува на никој освен на тебе. Дека овие луѓе ти се дадени преку нив да се запрашаш, преку нив да се разбереш, себеси да се сфатиш. Признавам, уште сум на патот се’ да разберам во целост. Сеуште се сопнувам околу судирот на рационалнито (наученото) и духовното (емотивно -неосвестено) Кога прв пат слушнав за она познатото ‘Мора да се сакаш себеси за да те сака и некој друг’ помислив ‘Колку овие луѓето кажуваат глупости, какви се тоа метафизики, секако дека се сакам себе, па кој не се сака себе’! И потоа, малку по малку, почнуваш со искуство и не баш пријатна репетиција преку партнерски и пријателски односи, си даваш себеси одговор на прашањето колку себеси се сакаш. Испаѓа и не баш онолку колку што може, а може. А строги сме. Многу сме строги кон себе.
Гледаш лево, гледаш десно, ти делува дека сите светат, а ти така стоиш, го чекаш своето решение, ја чекаш својата љубов, чекаш да разбереш. И додека така чекаш, таа истата репутација од почетокот те води со исти искуства со различен ЕМБГ. Но, ти чекаш и гледаш наоколу, бидејќи што е живот ако не споредување со другите, зарем не? Па, не. Споредување со другите е можеби е мајка на сите шеги, бидејќи додека се споредуваш се занемаруваш себеси.
Значи, таа свети, тој свети, тие светат. А ти во мрак. Па, чекај, каде е твоето светло? На крајот на тунелот, во нечии очи или на крајот на канализацискиот отвор? Изгледа е во тебе. Во мене. Во одлуката да го најдеме. Тука е некаде, дај да видиме каде. Ако сме подготвени. Ако не, одиме назад на почеток, па уште еден ЕМБГ, па уште по некоја лага, па уште по некое ‘Како е можно да ми недостасуваш, а не се видовме само еден ден’.
До кога? Духовните пракси велат ‘И ќе те води животот на исти искуства се’ додека не научиш. Се’ што ќе добиеш, се’ е лекција, да се осознаеш Себе, да се прифатиш Себе, да ги излечиш своите рани, па да се вратиш Себеси преку прифаќање и сакање’. Праксите на психологија и психијатрија велат ‘Прифати ја одговорноста за погрешни избори, бидејќи со своите ирационални уверувања паѓаш секогаш во исти ситуации и ги наоѓаш истите луѓе’.
А ти себеси си велиш: ‘А каде сум јас во сето тоа и што е моја вистина?’ И сфаќаш дека си некаде помеѓу. Помеѓу Себе и она што бараш, помеѓу љубовта која ја имаш да ја дадеш и онаа за која трагаш, на клацкалка помеѓу ‘ма, ќе се борам’ и ‘не можам повеќе’…и така додека сам себе не се сомелеш до исцрпување. Додека не ги исплачеш сите претци кои ти ги пренеле своите стравови преку ДНК. Додека не ги оставиш своите кармички гревови и не ја сретнеш својата Дарма. Додека не го исплачеш секое родителско негушкање и мајчините гради на кои не лежеше доволно. Додека не прежалиш се’ што потисна и пушти да те ‘вози’ до бесвест. Дали?
Да. И токму тука, помеѓу се’ она што ќе признаеш дека си и она што не знаеш дека си, ќе се случи. Што? Не знам, нешто. Некој Универзум, некој Бог, некое Светло, некоја Наука, некоја Подготвеност. Некое ‘Оче Наш’. Меѓутоа, дури и тогаш- и понатаму не разбираш, но се препушташ. Се препушташ на сознанието, се препушташ на учењето, се препушташ на ослобидување од се’ што те кочи.
И понатаму малку плачеш, а малку иташ низ животот. Еден, два, еден, два додека не сфатиш што се’ ти се случило, од што всушност се исцелуваш, а не од она што ти си мислиш дека се исцелуваш. Ќе се запрашаш тука од што толку бегаш од себе, и што треба себеси да си признаеш. Умираш по неколку часови, дена, недели- па потоа ќе оживееш. И така во круг. Тешко е, претешко. И не знаеш што ќе правиш со себе поголемиот дел од времето, но поаѓаш од точка каде повеќе не си кукавица. Сега одлучи себеси да се отвориш, да го извадиш од себе демонот што со години те влечка, го фрлаш пред себе и му се дереш: ‘Ајде, да видам гугни- што сакаш од мене и до кога бе? До кога сама себеси ќе си бидеш непријател?
И понатаму грмиш. Тум- дум, тум- дум, тум- дум…срцето, мозокот и телото после долго време вибрираат со исто чувство. И ништо не ти е јасно. Но, се надеваш. Се надеваш дека ќе ги разбереш причините- туѓите. Дека ќе се разбереш себе во сето тоа. Бидејќи повеќе не си оној кој е оставен. Сега си некој кој е разбуден. Се сврти кон себе. Себеси си простуваш. И се надеваш, помеѓу се’ што чувствуваш и гледаш, дека преку верување и осознавање, она што те уби толку пати, всушност, ќе биде она што до крај ќе те исцели. И ќе ти помогне повторно да се родиш во Светлина. Поради себе, не од оние кои ќе дојдат да те сакаат и не сакаат. Во што и да верувате и како и да живеете- само почнете да се сакате себе. Еве и јас ќе почнам. Па, јавете….
Leave a Reply