Подобро да не го познавме вистинскиот пат, ако од него се вратиме повторно во калта

“ За нив би било подобро, да не беа го познале патот на правдата, отколку, откако го познаа, да се вратат назад од светата заповед, која им е предаденa. Ним им се случува според вистинската поговорка: “Песот се враќа на својата блувотина”,  и  “Искапената свиња во калта”. ”  (2 Петар 2,  21-22)

Секогаш се прашував што би се случило доколку не ја откриев онаа малку светлина на патот која ми помогна да ја наѕрам надежта, која се наталожила врз моите чувства правејќи ме секогаш подготвен за најлошото и она полошо од него. Колку немирите и да беа силни секогаш се повикував на нејзината способност за утеха и спокој подоцна кога бурата ќе стивнеше. Ја разликував од мракот не само според провидноста на нештата туку и по здивот кој во темнината беше длабок, застрашувачки поради забрзаниот пулс кој ги предвидуваше мрачностите, наспроти оној во светлоста кој беше лагоден, инициран со полни гради кои посакуваа да дишат во иста непроменливост одовде до вечноста. Додека не ја открив онаа малку светлина, мислев дека за да се нарекуваш добар човек доволно е не учествуваш во караница со тон повисок од неколку стотини херци, да не ограбиш пари од банка или извршиш убиство на припадник од човечкиот род.            

Секогаш се прашував што би се случило доколку и покрај надежното чекорење по вистинскиот пат се вратам назад во калта, во местото на непомнење на предадената света заповед. Со оглед на тоа дека многу пати сум го направил тоа, знам за ужасот во тоа престојување. Најпрво, калта е место кое не депримира толку многу со својата нечистотија, колку со тоа што дозволува соништа во кои провејуваат слики од претходното, секвенци кои делуваат толку живо и мамат обиди да се дофатат и зграпчат, да се задржат и да биде се по старо. Друго, убива помислата дека тоа не е место за човек со штотуку развиена вера, некој кој поверувал и му било исполнето, кој го допрел ликот свој пред гревопадот, и сега наеднаш, по многу кратко вистинско битисување ја облекува својата стара облека полна со закрпи и легнува во калта, тогаш единствената околина во која камелеонски оправдано се приспособува. И трето, честа појава таму се солзите, не по тежинска мерливост најтешкото бреме за поднесување, тие водени поточиња кои не запираат делумно како резултат на покајание, делумно како пост реакција на стравот, делумно како средство за миење на калта барем од местата каде не се згрутчила.

            Песот се враќа на својата блувотина. Дали залутал во намерата да ја пронајде својата животна храна и повторно се враќа на старото место каде негодно се однесувал? Или пак толку му се допаднало неговото самоизмачување со лажната радост и му се враќа и по цена да ги изживее пак минливите спомени во недостиг на амбиција за нешто подолготрајно, дури и вечно? Во секој случај, неговата средба со блувотината нема да биде ништо повеќе од моето “дежа ву” со моите искушенија кои не престануваат и кога ми предизвикуваат мачнина во желудникот која ме провоцира да ги исфрлам, кои се јавуваат повторно и повторно, а јас им подлегнувам повторно и повторно.

            Искапената свиња во калта. Феномен на прочистување, бања низ која поминува само телото кое ќе се ослободи од видливите валканици и ќе воздивне со олеснување дека конечно е чисто. И, замислете дека не е толку голем проблемот на враќањето во калта, репризата на грешките или уште потешко гревовите и уништувањето на изгледот, загадувањето на миомирисот попатно… Поголем проблем е вербата во водата која не е спасоносна доколку не е зачинета со Духот кој чисти многу подлабоко, од сржта во коските, од миокардот во срцето, до алвеолите во душата.

СП Апостол

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading