Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат, но долго време трпи бидејќи не сака да изгинат некои

“ Господ нема да задоцни со Своето ветување, како што некои мислат за бавењето; но долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание. И ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори. Но ние според Неговото ветување, очекуваме ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда. Затоа, возљубени, очекувајќи го тоа, погрижете се пред Него да излезете во мир, неосквернети и непорочни. ”  (2 Петар 3,  9-10, 13-14)

Сеуште нема сигнали за почеток на Судниот Ден, иако се ова што ни се случува нуди можност за размислување, всушност заклучување дека сме во неговата прелиминарна фаза судејќи по непредвидливите катаклизми кои нѐ размрдуваат до темелите, и доколку нема такви лесно воочливи сигнали, брзо нѐ заведува помислата дека Господ доцни со Своето ветување. Тој или заборавил дека треба да го осуди светот и подели помеѓу рајот и пеколот, или пак не е одлучен во својата намера несинхронизирана наспроти Неговите првобитни калкулации. Овие нагаѓања се секако несериозни и повеќе со саркастична цел да отсликаат едно човечко незнаење. Господ долго време трпи, бидејќи не сака да изгинат некои, туку сите да се обрнат кон покајание. Ме чека и чека иако немам претстава колку и каде сум згрешил, дека треба и како треба да се покајам. Знам дека ќе изгинам, но сеуште не можам да се откажам од желбите спротивни и на мојата природа и на можноста да си го најдам патот. И затоа Тој доцни, неверливо погледнувајќи на моите одлуки.

Но, ќе дојде денот Господов, како крадец во ноќно време; тогаш небесата со голема бучава ќе ги снема, и стихиите ќе пламнат и ќе се разрушат, а земјата, и сѐ што е на неа, ќе изгори. И тогаш ќе нема повеќе време за заташкување на грешките кои не се обидов да ги коригирам или со погрешни методи само ги продлабочив. Ќе чекорам по пепелта на исцрнетата земја, толку изгорена што нема да се познаваат ниту трагите на некој што сакаше да го означи своето постоење за кое со надменост беше сигурен дека беше содржајно. Нема да ме плаши толку бучавата на небесата и огнот на стихиите колку фактот дека оваа ќе ми биде претпоследна станица од која можеби нема да одам кон посакуваната дестинација.

Според Неговото ветување, очекував ново небо и нова земја, на кои ќе се настани правда. Ако, и тоа со милиони прашалници ако станам жител на Новата земја ќе биде големо изненадување за мојата тековна сознателна состојба и секако огромна радост проследена со благодарност кон Небото. Конечно ќе се сретнам и со правдата, доблеста која на сите ни недостасува и која нема само да ја ослободува душата бедна од немирот кој го создава суетата на самобендисаните туку нуди пространство, неограничени површини и пејсажни решенија на кои пасат мирољубивоста, љубезноста и еднаквоста, кои раѓаат вера и надеж во развиорени палмови гранчиња.

Затоа, возљубени, да го очекуваме сето тоа, и да се погрижиме пред Него да излеземе во мир, неосквернети и непорочни. Се подготвувам со перото да запишам на новата страница која одново ја вртам секое утро и уживам во нејзината белина којаизмамува воздишки по копнежот да се запише нешто ново. Но, мракот ме наоѓа во истата положба и без ниту една шкрабаница на новиот лист, макар нешто налик на ветување. Не дека не можам за миг да запишам неколку редови и се чувствувам како херој во новиот ден. Само се плашам дека сеуште по навика го препишувам она од претходните, полуискинати страници.

СП Апостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: