“ Ако ги исповедаме гревовите свои, Он е верен и праведен за да ни ги прости гревовите и да нѐ очисти од секаква неправда. Ако, пак, речеме дека не сме згрешиле, Него Го правиме лажец, и словото Негово не е во нас. ” (1 Јован 1, 9-10)
Не разбирам што сум згрешил во намерата да имам живот од соништата и да го изживеам секој детаљ од современиот мозаик чии коцкички творат релјефни слики на желби, комфорности и еуфорија која се посакува и не се стишува долго по нејзиното дофаќање. Што е грешно во нестрпливоста да се седне на преполна трпеза на која незапирливо протекува од пиле млекото, софра која прво ги прејадува очите, па потоа желудникот, место каде со лакомоста се настојува да се смести што поголемо количество храна, за пократко време, во премногу мал простор. Зошто е грешна похотта која го гори телото, не му дава мир во допирот кој за да биде засладен не смее да биде наивен и длабочен, туку површен со истражување на зоните кои уште од памтивек биле предодредени за таинственост. Како е грешна слободата да се посакува имањето на козите на соседите, сопругата на ближниот, домот на пријателот, јахтата на најбогатиот, потта на најсиромашниот. Правејќи го сето ова и велејќи дека не сум згрешил, прости ми Боже, Те правам лажец. Исто така и словото Твое не е во мене, во срцево каде не останало ниту милиметар исчистено место за да го вдоми и згрижува.
Не е се така како што изгледа, прва лекција во животот која ја прифатив со благодарност дека нешто поднаучив и конечно ми олесна дека сите илузии ќе можам да си ги дупнам како меур од сапуница и ќе се спасам од нивното отровно дејство. Го гледав само лебот на трпезата, но и нему не му обрнував многу внимание бидејќи човекот покрај од него ќе живее и од секој збор што излегува од устата на Бога. Ги омразив страстите и нивниот оган кој настојував од телото да го преселам во срцето, таму барем ќе биде корисен како иницијатор на добрите дела. Престанав и да го посакувам туѓото, сјајното, модерното, големото, баналното и некорисното, … практично не ми остана ништо друго освен духовното. Тогаш дознав за гревовите мои, тие сурови сопатници за кои мислев дека се радоста во утрото, среќата на денот и задоволството во ноќите, дознав за нивната тежина под која следи пропаѓањето и нивната уста која мами со лажни ветувања кои водат во бездната. Кога ги идентификував, ми преостана да ги исповедам, да ја прераскажам нивната биографија со целосно каење дека сум се откажал од нивната служба и искрено ветување дека нема да ги побарам во повторна комуникација. Тогаш Бог, верен и праведен, ќе ми ги прости, ќе се помириме и повторно ќе бидеме Татко и син. И уште поважно, ќе ме очисти од неправдата за да немам корени на злото кои и понатаму ќе бидат потенцијални гнезда за идно семе негодно.
Знаете ли колкава е разликата што ја прави должината на еден лакот? Многу малку споредувајќи фудбалски игралишта или висококатници. Но, кога оваа мера се однесува на сразмерот помеѓу да се исповедаат гревовите свои и да се мисли дека не сме згрешиле, е многу голема. Толку голема како разликата помеѓу рајот и пеколот и сознајбата отседнувајќи во тие места. Затоа најдобро е да се погледнеме во огледалото и тоа не во ликот што најпрво ќе ни се прикаже туку во неговиот одраз во длабочината. Ако ги забележиме сивкастите нијанси, тоа е сигурен знак дека ќе имаме нешто за исповедување. Да побрзаме додека тоа не потемнело уште повеќе и не почнало да го окупира она малку бело што ни преостанува.
Leave a Reply