Браво душо, само напред, одлична си денес!

Дали некогаш сте застанале пред огледало, па таму, наместо себе, видовте некоја друга личност која прашува: ‘Каде се изгуби’?

Јас да. Повеќе пати. И секој пат го знаев одговорот, но не и на прашањето: ‘Како ќе се вратам’? Едвај го наоѓав. Со години низ животот ме водеше мислата дека времето треба да се троши на работи, луѓе и настани кои те прават среќна, бидејќи никогаш не знаеш колку време имаш, но секогаш не знаеш што те прави среќна. Така и јас живеев. Додека еднаш не стигнав до точка во која сфатив дека во еден момент заборавив што ме прави среќна.

Знам и кога тоа се случи. Кога прв пат помислив дека за некој не сум му доволно добра, па се’ тргна наудолу. Чекор по чекор, обидувајќи се да пронајдам причина поради која на некој не сум му доволно добра, престанав да барам причини за сопствената среќа. Едноставно, престанав да правам работи кои ме прават среќна бидејќи времето го трошев на преиспитување, на тага и на немилосрдно набивање на комплекси себеси.

Така, барајќи начин на некој да му бидам доволно добра, престанав да си бидам добра на самата себе. Чекајќи туѓа љубов, заборавив на море од љубов која веќе ја имав и уште полошо, заборавив да се сакам себеси. Чекајќи туѓи пораки, повици, доаѓања, заборавив да разговарам сама со себе. Заборавив какви филмови сакам, кои книги ми се допаѓаат, што сакам да јадам. Сите мои несигурности испливаа на површина и ги потопуваа оние работи поради кои некогаш бев среќна. Заборавив дури и на луѓето кои ме сакаат. Па ме гризеше совеста во главата и душата. И така во круг. Маѓепсан. Круг од кој едвај излегов.

Така сфатив дека во живитот секогаш нешто чекам и дека во тоа чекање сум заложник и додека времето поминува додека моите соништа се на ‘чекање’ се’ дури не се тргнав од летаргијата. Чекајќи ги туѓите одлуки, ги заборавив своите добри страни, а комплексите само се нижеја, еден по еден. Бев хронично тажна. И убава. Признавам, себеси понекогаш си бев најубава кога бев најтажна, најверојатно поради тие внатрешни рушевини, кои по некое чудо успевав да го нашминкам за да изгледаат убаво.

Бев хронично тажна, меланхолична и летаргична додека еднаш не сфатив дека сум навистина добра. Себеси. И дека тоа е најважно. Бидејќи, сонце, ако не си доволно добра на самата себе, нема да бидеш доволно добра ниту на тој што го чекаш. Погледни се во огледало. Таква каква што си, веќе си доволно добра. И доволно си убава. И никаква и дотерана и со шминка и без неа и со целулит и со неколку килограми вишок и со криви заби и во пижами и на штикли и кога се смееш и кога плачеш и уморна и весела.

Ако таква не си доволно добра, нема да бидеш никогаш. Ова е твое време. Сега живееш и преврти го цел свет, но најди нешто што те прави среќна. Нешто што не е друга личност и што не зависи од ничија порака. Нешто што не зависи од некое митско суштество, пола маж, пола сакам- не сакам. Своето време прво посвети го на самата себе, а не на некој кој ти дава трошка време и внимание со кое те храни како птица, доволно да преживееш, но недоволно да научиш да леташ и да одлеташ. Дури и ако ти ги одврзат крилата, е па ќе ти израснат нови, уште поубави и поголеми.

Ми требаше време да си кажам себеси дека нема повеќе да чекам. Ми требаше време да ги откачам приколките. Ми требаше време повторно да обрнам внимание на себе и повторно да се засакам. Вистина, сеуште потполно не ја изградив самодовербата, ниту љубовта кон себе и не се решив од сите комплекси, но сепак, повеќе никој од огледалото не ме прашува каде се загубив. Понекогаш само молчи, а понекогаш ќе шепне: ‘Браво душо, само напред, одлична си денес’.

by Рита

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: