Не можеш да го изгубиш оној кој го немаш, но тој некој може и треба да те изгуби тебе

Најтешко е да се соочиме со сопствените вистини, со оние кнедли во грлото кои се создаваат кога ќе помислиме на своите темници, на сите оние работи од кои упорно бегаме. Од емоции. Од страв. Од човекот кој може да биде наш цел свет, но всушност не е ништо, бидејќи има свои ‘причини’, а всушност тоа се површни изговори.

И така тоа се врти, таа неизвесност, тоа превирање, тој обид да се најде златна средина и одржување на status quo, додека во себе не кажеш- повеќе не. И така гледам пред себе многу патеки и можности, се’ она што мислев дека ми е недостижно со глупава претпоставка дека токму тоа ќе ме направи среќна, а сега знам дека нема. Не може. Па се вртам и одам наназад.

Чекор напред, назад два. Правам тотално контра од она што сите психолози и гуруа и советници на светот сугерираат, бидејќи сите секогаш зборуваат за свртување на нова страница. Но, по прв пат знам дека не е така. Бидејќи за да можеме понатаму, мора да се вратиме на почеток, мора да се соочиме со својот страв, својата темница. Мора да собереме сила да влеземе во сопствената бездна и да пробаме да сфатиме каде сме стигнале и како да поверуваме дека подобро не заслужуваме? Дека подобро нема?

И така јас одам наназад. Прво тивко, плашливо, со ситни чекори, уплашена со самата можност на откривање на тајните кои ги скрив длабоко во потсвеста, но со секој чекор некако похрабра, посигурна, поупорна, поодлучна…па одењето се претвора во трчање. Трчам наназад. Ги оставам сите потенцијали, сите можности, сите опции, комбинации, љубови во обид, илузии во создавање, превирања и недоречености.

Оставам се’, бидејќи трчам кон себе. И чувствувам како не им одговара, како се обидуваат да ме стигнат, бидејќи навикнале на внимание и енергетска храна и мене, прекрасна, нежна, пожртвувана и топла. Добродушна како сестра, доверлува како најдобра пријателка, а доволно интересна и врцкава да им биде забавно и напнато, а без потреба да се одлучат за повеќе, да пораснат, бидејќи пресинг нема и нема страв дека ќе загубат нешто. Мене..

Ама се зафркнале. Колку и да беа сигурни дека ме имаа во некој облик, сите тие духови, опции и потенцијални љубови, не можеа да бидат подалеку од вистината. Туку ме изгубија. Со првата чудна двосмислена порака. Со првото двоумење. Духовите на сите тие љубови што никогаш не станале љубов. Гладни души, чие его е поголемо од човечноста и онаа безусловна човечка потреба да се сака. А јас имам потреба за љубов, вистинска, искрена, длабока. И додека не ја сретнам, ќе се сакам себе. За да го остварам тоа, трчам наназад.

Пронаоѓам пукнатинки во својата потсвест, моменти кога се согласив да бидам слаба и ранлива, кога го прифатив идиотизмот дека љубовта треба да се заслужи, кога ме уверија дека љубовта е нешто големо, туѓо, далечно што доаѓа многу ретко, на некој таму други, одбрани луѓе.

Но, Оној горе, верувај, не’ испрати тука, да живееме, сакаме, растеме, создаваме, чувствуваме, уживаме и да бидеме сакани. Не да се надеваме на љубов. Не да се жртвуваме заради неа. Не да се прилагодуваме и да се согласуваме на компромиси за можеби да ја почувствуваме. Туку да ја живееме. Потполно и безусловно.

by Рита

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: