Ништо немам од тоа некој да залажувам, тоа не ми треба

Никогаш како сега и мажите и жените не биле толку изложени на огромна количина на контрадикторни совети за живот, за односи, за прехрана, за работа, за се’… никогаш така! А се’ се сведува на исто- биди она што не си. Ако сакаш да освоиш жена, биди индиферентен, јавувај се секој трет ден, биди недостижен, биди двосмислен… Исто е и со жените, ако сакаш да останеш или да му станеш (внимавај на концептот) интересна на фраерот, биди динамична, превртлива, топла но недостижна, менувај ја динамиката на одговарање на пораки, биди понекогаш ладна, понекогаш тотална кучка, бидејќи знаеш ‘мажите повеќе сакаат кучки’ и други глупости.

Сите се хронично несреќни и имате чувство дека никој не е вистински и дека сите нешто глумат и константно се жалат. И навистина луѓето се несреќни бидејќи го прифатија тој модел на безглаво живеење. Тоа несреќно следење на некои небулозни совети и луд обид за достигнување на некој lifestyle и креирање на односи. Само се обидуваме.

Престанете да се обидувате да бидете некој друг или да менувате некој друг. И јас бев ‘кучка’ и онаа која без врска страда, а потоа некаде по патот заклучив дека животот е прекраток да го потрошам во будалесто размислување за некој тип ‘кој не знае што сака’ и одлучив да бидам среќна, што и да претставува тоа за мене во тој момент.

Престанав да бидам кучка кон оние кои не ме интересираат и отворено им реков како стојат работите. Тие престанаа да ме гонат и јас почнав да дишам, а од друга страна се охрабрија да ја бараат среќата на друга страна и јас сум среќна поради нив. Ништо немам од тоа некој да го залажувам и да му правам она што не сакам мене да ми го прават.

Престанав да се обидувам. Едноставно ми досади. Престанав да се обидувам да сфатам зошто на некој тип не му сум интересна, престанав да се обидувам да му бидим интересна на маж кој мене не ми е интересен, престанав да правам психоанализа на самата себе, престанав да ги ставам на пиедестал мажите кои ми се напнати и да ги форсирам во ‘принц од бајките’ атрибути кои реално ги немаат.

И престанав себеси да се ‘поправам’ за да му се допаднам на некој тип кој не знае кој му ја носи главата. Едноставно престанав. И мислам дека тоа е клучот, да престанеме да се обидуваме да бидеме она што не сме, да се прилагодуваме, да се поправаме, за да му се допаднеме на некој. Во оној момемт кога ќе почнеме така да живееме, на другиот му ја даваме сета моќ во рацете.

А зошто некој да има таква моќ? Зошто некој сам да одлучува за динамиката на односите во кои сме или сакаме да ги оствариме? Некој кој е исто така човек! Не е тој некое божествено суштество какво го гледаме, бидејќи го идеализираме. Дали е таа личност навистина идеална? Не е. Има најверојатно некоја карактерна црта која ве иритира, но ја занемарувате бидејќи ја идеализирате. Физички можеби навистина не е ваш тип, но силно посакувате да го освоите токму затоа што упорно ви бега. А тоа е токму така бидејќи ја идеализирате и и’ ја предавате сета моќ.

Никој не е вреден клучот на вашата лична среќа да ја има во свои раце, од неговиот повик, порака или внимание да зависи вашето расположение. Никој. Ќе бидете ок и без таа личност, ќе бидете ок ако останете пријатели, ќе бидете ок ако ви се разделат патиштата, ќе бидете ок со кој и да сте, ќе бидете ок и ако сте соло. Ќе бидете ок.

На крајот на баладата, за секој постои некој и можеби вашиот некој поминува покрај вас додека вие се занимавате со луѓе кои се на поминување и нивните ‘желби и потреби’. За своите желби и за себе грижете се, себеси ставете се на прво место, живејте во согласност со она што сте, не се менувајте и не се прилагодувајте, бидејќи ако останете свои, на многумина на кои им ‘требаше време’ или ‘не знаат што сакаат’ ќе заротираат во вашиот смер и тогаш вие одлучувате дали сакате или не.

Никој не е нечувствителен, само треба да усвои став, дека ние сме подобри од тоа и дека тоа не ни треба. Заклучувам дека во животот треба да се биде сончоглед, кога нема сонце, тој прекрасен, интелигентен цвет кој се врти кон другите сончогледи! Така правам и јас.

by Рита

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: