“ Тие ја заменија вистината Божја со лага и му се поклонија и му служеа на созданието повеќе отколку на Создателот, Кој е благословен во сите векови. Амин! ” (Римјани 1, 25)
Кога Бог рече нека биде светлина, виде дека светлината е нешто добро и ја оддели од темнината, а темнината ја нарече ноќ. Ноќта стана главен асистент на сите оние со нечесни намери кои под нејзина покривка ги трошеа своите можности во остварување на промашени идеали. Убедени дека не се под надзор на ничии очи ги вршеа делата на сексуална дезориентација, неправедно одземање, прибирање на што повеќе и во континутет, распрскување со аспидин отров по секого во името на лична законитост. Слични, но само по боја како и нивната заштитничка, стопени во нејзиното црнило, станаа слуги на мрачното поднебесие и ја претворија романтичната прошетка под месечината во реинкарнација на исконско зло кое дреме, но го чека саатот за ништење. Се излагаа и му служеа на созданието, наместо на Создателот.
И Бог рече да ни даде билки што даваат семе и дрвја што имаат плод според својот вид и род, за да ни бидат за храна. Никогаш не ја спомена дрогата и алкохолот како измислени нус производи кои воопшто не наликуваат на леб. Ги маглат човековите присебности и отвораат нови светови чии хоризонти се однапред осудени на пропаст и кои изгледаат магично само во првите минути додека не ја презеле контролата врз разумот кој во еден дел, иако скромно мал, е сеуште неосвоен поради милоста Божја сепак да остане нешто од Неговиот образ во тоа суштество кое едвај се нарекува човечко. Понатаму, како зависноста станува дел од срцебиењето, човекот е марионетка на нивните привиденија и маргинализиран во светот кој не може да му помогне. Се излага и му служеше на созданието, наместо на Создателот. И Бог рече да создаде човек според Неговото подобие, кој ќе биде господар над морските риби, небеските птици и над ѕверовите. Никогаш не рече и над другите луѓе, не на начин како што тие го направија. Набрзо завладеа еден човек над другите, па една земја над другите, па една бесност над другите. Троновите остануваа исти, се менуваа на нив само луѓето и нелуѓето согласно нивната отпорност на отровот, јажето, куршумот, кошулите со изврзани ракави, предозираноста, предавството, нелојалноста и алчноста. Се вели дека се е веќе видено под сонцето, иако јас често наивно се изненадувам. Многу беше видено под сонцето, само сѐ поретко љубовта во нејзината вистинска конотација која ќе овозможи рај на земјава. Владетелите нѐ поделија на богати и сиромашни, порочни и непорочни, засрамени и со исправена глава. Од некои нѐ има многу, од другите помалку, и си плачам за оние кои сосема ќе изгинат. Така и му служиме на созданијата на созданието, наместо на Создателот.
Јасен е изборот да се биде слуга на Создателот, Кој е благословен во сите векови. Службата е многу тешка за разгалено детиште како мене, посебно во делот кој бара посветеност кон создавањето на добрите навики кои ќе ги укинат лошите и делот кој бара самопожртвуваност во име на љубовта која не го признава задоволството за самиот себе. Тешка е во утрата во кои започнува борбата со светот кој игра со сопствени правила, најчесто во егоистички манири. Потешка во попладнињата во кои арената е вжарена и во неа остануваат најсмирените од нашата страна, и демоните со нивните искушенија од другата. Најтешка е во ноќите на молитва, кога почнува разговорот со Создателот кога треба да се разгледаат сметките од почетокот на денот, да се даде одговор за сторените гревови и сослуша судот околу она што сеуште може да се искорегира. Навистина тешка, но не би ја заменил со ниту една друга служба на светот, па дури и да е платена со дијаманти.
СП Апостол
Leave a Reply