Ако не е љубов- не сакам, благодарам!

Знаете како често со осуда гледаме на луѓето кои се неверни? Кои имаат партнер, можеби се во брак или со некој се гледаат ‘службено’, но тајно имаат некој или некоја..Се прашуваме како можат? Каде им е моралот? Каде душата? Како можат да ги лажат луѓето? Или пак одиме во крајност па ќе кажеме ‘да ги жалиш, паднале во искушение’, бидејќи некој бил упорен, а тие не знаеле да се одбранат? Yeah right.

Но, што ако тие во својата глава одлучиле дека така е во ред? Што ако службениот партнер е личност која им одговара во тој момент за врска, а тие ‘тајните’ им даваат нешто друго? И не, не е секогаш сексот во прашање. Имаат некој со кој зборуваат за се’, тоа е нивна ‘личност од доверба’, ‘најдобра пријателка’. Можеби е тоа личноста која ја сакаат, онака страствено, но од некоја причина не им одговара за да ја одберат општествено неа за службен партнер? Но, треба да се прифати фактот дека луѓето ионака ќе живеат по свое што и да мислите за тоа.

Вистина е дека осаменоста може да биде тешка и јас им верувам на луѓето, но од моја перспектива да се биде осамен и не е така тешко. Барем не мене. Бидејќи по исцрпувачки односи, врски кои тоа не се, мојата душа заклучи дека; Ако не е љубов – не сакам. Со други зборови, да се биде сам и тоа како може да биде добра работа. Посебно ако го достигнеш сознанието дека среќата ја креираш соло и дека не можеш својата среќа да ја префрлиш на туѓи рамена.

А луѓето токму тоа го прават. Влегуваат во врска со очекување дека другата страна ќе ги направи среќни и ќе им го направат животот подобар, полесен, интересен. И тогаш тоа ќе се распадне како кула од карти, бидејќи и двете страни очекуваат од оној другиот да ги направи среќни. Или се случува едниот или двајцата да имаат нешто ‘скришно’ или едноставно по договор да водат паралелно животи. Имаат ‘пријатели’ и сите ги убедуваат дека се среќни. Но искрено, не се. Се’ е тоа облик на самозалажување.

И мене ми се случува од многу страни да добијам понуда да се врзам. Но, јас не сакам да се ‘врзувам’. И цел тој концепт на врзување ми стана по малку смешен. Сакам да се вљубам и да сакам, да бидам добра друшка на некој, да изградам партнерство. Ја разбирате разликата? Се борам против секое ‘морање’ бидејќи чувствувам дека сите типови кои ми се нудат, всушност бараат фантазија, илузија, желба таа илузија да ги направи среќни.

И јас тоа го чувствувам. И не ми се допаѓа. Не сакам да бидам одговорна за нечија среќа. Не ја сакам таа тежина и таа обврска. И често има се’ освен љубов. Има неисполнети очекувања, има его, има потреба за докажување дека може да се живее некој lifestyle и да се биде со личноста која во тоа не се вклопува. Па ќе биде ужасно разочаран кога ќе ја освои и ќе сфати дека тоа не е приближно тоа што го натера на лов, само идејата за неа, но не и вистинската личност.

Има милион причини зошто луѓето ги форсираат идеите за некој однос и влегуваат во нив. И често испаѓа дека искрената љубов тука е најмалку застапена. Како и желбата некој вистински да се направи среќен, да се биде најдобар можен партнер. А тоа можеш ако си средена, среќна личност која има свој сон и аспирации, пријатели, работа и хоби во која среќата нема да зависи од врска, од друга личност, туку ќе биде еден убав дел од неа.

Дали соло статус е тежок за многу луѓе? Да. И ќе биде, се додека не сфатат дека среќата и животот не се состои од надеж и идеја дека некој друг ќе се погрижи за нив, дека ќе дојде некој ‘принц’ или ‘принцеза’ и ќе им направи бајка од животот.

И некаде по патот ќе сретнеме некој од кој срцето ќе чука посилно. Некој во кој ќе ги препознаеме вредностите кои и сами ги имаме. Во кој ќе го почувствуваме тој истиот жар за живот, за создавање, за истражување. Во кој препознаваме страст, па сфаќаме дека колку и да сме различни и тежнееме кон своите индивидуални цели и интереси, одлично се поклопуваме. Тогаш не го чувствуваме теретот на врзување, тогаш едноставно создаваме, сакаме, гориме, одиме низ денот заедно. Стануваме партнери. Во многу сфери од животот. Ја задржуваме индивидуалноста и сите свои љубови кои не’ направија така единствени и посебни, поради кои ја привлековме другата страна, но растеме заедно. Стануваме љубов.

Ја чувствувате разликата? Ја чувствувате ‘лесната’ енергија која струи низ овие зборови? Ја чувствувате моќта на љубовта и колку е исклучителна, лесна, питома, топла, удобна, пријатна, а сепак интересна, креативна, инспиративна, токму како и самиот живот. Тоа е таа искрена емоција кон која тежнееме. Тоа е она што го сретнуваме кога и сами такви ќе станеме. Јас сум за љубов и партнерство. Ако не е љубов- не сакам.

Марина

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: