Сакам да ти кажам дека сум многу лута на тебе. И со денови плачев откако ме остави. Но, нема. Всушност, за неколку часа си ги собрав мислите, ја склопив сликата на својот живот и тргнав понатаму насмеана. Зошто ова го пишувам? Затоа што бившите љубови не мора да се мразат. Затоа што оставената жена не мора секогаш да биде онаа која ги сече вените, плаче и страда до недоглед. Не мора.
Можеби е така со некој прв симпатија, но во вистинскиот свет, зрелите луѓе продолжуваат понатаму. Среќни се поради искуството кое го доживеале и ќе се свртат – не кон нова љубов, секс, пијалок и заборав, туку себеси. Така и јас себеси се свртив. И се чувствувам добро. Сфаќам дека светот е многу повеќе од тебе и мене, а животот- богатство, дар кој не вреди да се растура во солзи и попусто да се плаче за некој, кој тука не сакаше да биде.
Ми недостасуваш- реков и го испуштив телефонот. Ме гризе недостасувањето. Ме јаде како најкрволочна ѕверка. Ми ја пара утробата. Она исто недостасување кое преку денот го држам под клуч. И не ми може ништо. Преку денот сум јас господар, но навечер се ослободува и тоа господари со мене. И така е се до наутро. Или додека сонот не ме прелаже. Или додека јас не го излажам сонот.
Не знам повеќе, но тешки се тие борби. А ти не веруваш дека сум добро и не се грижам со кого ти спиеш. Не ми е важно. Твое тело, твој живот, твои избори. Мој избор е да не бидам со било кој. Мој избор е да бидам силна, зрела, среќна млада жена. Мој избор е со тек на време кога ќе бидам подготвена, повторно да се вљубам. Мој избор е да не чувствувам болка кон тебе. Зошто да ме боли некој кој не ме сакал? На кој не му бев важна? Зошто мажите воопшто очекуваат дека ќе се сруши целиот свет, на жената со која не сакаат да бидат? Нели е тоа себично? Па не го правиш ти целиот свет. Ти си само еден сегмент во животот, а токму тоа престана да бидеш.
Зошто секогаш ги напаѓаме бившите љубови? Зошто за мажите се пишува дека се сировини, а за жените дека се курви? Зошто бившите едноставно не можат да бидат бивши? Не си ниту почеток, ниту крај. Ни прв, ни последен. Колку и да ни значеле, колку и да ги сакавме и колку и разделбите да беа болни и тешки.
Вистинската љубов е искрена. Не поминува преку ноќ. Таа не чита меѓу редови, бидејќи не познава редови. Таа е утеха, а не изговор. Таа е директна, не се игра и не манипулира. Љубовта не обвинува, нема барања, не се преправа, не се фали, не буди ништо лошо, бидејќи таа не може да биде лоша. Ако заболи, ако малтретира, ако стане тешка- тоа не е љубов. Вистинската љубов простува. А јас тебе се’ ти простив. Секој глуп, непромислен збор и гест, секој момент кога беше некаде на друго место, со некој друг, секоја солза и наша разделба. Се’ таа љубов ти прости. И тргна напред.
Жал ми е што тоа ти е непојмливо, што ти изгледа лажно, што мислиш дека се во прашање секогаш некои игри и манипулации, што бараш нешто во моите зборови- што нема. Ми е жал што имаш доволно години, а сеуште не си пораснал, жал ми е што не пронаоѓаш среќа сам во себе, туку ја бараш во кратки задоволства и леташ како пчела од цвет на цвет. Никаде така нема да ја најдеш својата среќа.
И да, прости што повеќе не си мој проблем. Прости што така голем и важен, не те оплакав со месеци. Прости што сум самата себеси на прво место. И прости што нема да те сакам кога по некое време ќе се сетиш дека сепак згреши, дека секој, ама баш секој ќе се сети. Јас сум жена, а не девојче. И не сум твоја кукла на конец. Ти си само бивша љубов и јас итекако можам, знам и умеам да живеам без тебе. Среќна, насмеана и со многу љубов, за маж, а не за детенце.
Leave a Reply