Блажен е оној човек, кому Бог нема да му прими за грев

“ Блажени се оние, чии беззаконија се простени и чии гревови се покриени; блажен е оној човек, кому Бог нема да му прими за грев! ”  (Римјани 4, 7-8)

Кои се тие чии беззаконија се простени? Од петни жили се трудам да припаѓам на таа категорија безусловно верувајќи во мојот капацитет дека еднаш тоа и ќе се случи, иако многу парадоксално ниту еден миг во напорната “победи се себеси” борба не упатува на тоа. На крајот континуирано се чувствувам како недопокаен, недонагрешен и со маса избременета совест која не ми дозволува ниту да ја подигнам петата од тлото, со што се создава можност да ја укаса змијата и набрзо го дознаам сопствениот крај. Не е едноставно да знаеш дека некому се простува, но не од некоја завист која не доликува во никој случај, туку од преголема загриженост за пораз на каузата кон која си се стремел од кога си спознал дека битисуваш, и си оставен да се јадосуваш за сите пропуштени можности. Единствено нешто што можеш да го сториш е да ги пронајдеш тие среќници и се распрашаш за нивната грижа за дофат на конечното прибежиште.

Кои се тие чии гревови се покриени? Не се ли страдалници како мене кои последниот залак го поддале на посиромашните од себе, кои од својот вишок на профитот прават милосрдни дела, кои навечер заспиваат во похотни пламења, а наутро се будат во ненаситни грчеви, кои се покажуваат на улиците со своите бренд и потекло, кои го мразат непријателот и се сомневаат во пријателот? Какви се кутрите тие кои ниту на мравка нагазиле, кои поглед од земјата не подигнале со прекор да проговорат, кои со насмевка испратиле камен кон нив сурово исфрлен, кои со шеќер се заблагодариле за секоја рана свесно направена? Дали се луѓе или камења до кои болка не допира, со инстиктот за борба целосно неактивен, со очи ненаситни ширум затворени, со срце исцрнето од гради искорнато. Не се ниту луѓе, ниту камења, туку ангели од небесата.

Кој е тој кому Бог нема да му прими за грев? На скитникот кој не понесол резервна облека со себе, кој спие во молитва завиткан во безгрижен сон, кој плаче со небројни неутешни солзи, кој прашува за патот крајно незаинтересирано знаејќи го оној трасираниот, кој се негира себеси возвеличувајќи ги другите, кој се понизува до правта – праматерија на утробата којашто го родила. На кроткиот кој бара милост во очите на волците, кој настојува лавот да го припитоми, срната хероина да ја промени, секоја војна со мир да ја започне, секој мир да го продолжи во недоглед, кога го удрат да го заврти образот, кога го галат да побегне од славата, кога го убиваат да им прости што побрзо. И на мирниот кој предвреме ги загубил сите битки со светот само за да ја добие единствената која му го обезбедува местото на трпезата во Горната соба.

Блажени се сите тие и блаженство наследува секој кој ќе биде ангел, скитник, кроток и мирен. Од петни жили се трудам да припаѓам во некоја од тие групи занемарувајќи ја заслугата што ќе го овозможи сето тоа. Ако може да имам удел, а да си останам како што чувствувам со векови дека сум бил: непроменлив, суетен, злобен, незаситен, нетрпелив, маловерен, фиксен и погрешен. Малку ќе биде тешко тоа како впрочем и влезот на камилата помеѓу иглени уши. Тогаш не ми преостанува ништо друго освен да се откажам од надежта дека ќе бидам блажен или повторно да се обидам со метаморфоза. Ново утро и ден, целосно внимание на внатрешноста, посебно областа околу срцето, поставување на совеста за чувар на сите влезови, целодневен разговор со Бога преку молитва, ограничување на телото од сите негови разуздани желби и подготовка на душата за надминување на негодното. Мора да успее …

СП Апостол

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: