Преку маката до трпението, од искуството до надежта

“ Но не само тоа, туку се фалиме и со маките, знаејќи дека од маките се раѓа и трпението; од трпението, пак искуство, а од искуството надеж; надежта пак не посрамува, зашто љубовта Божја се излеа во нашите срца преку Духот Свети, Кој ни беше даден.”  (Римјани 5, 3-5)

Пофалете се со маките па макар биле и непогодни за вашето разбирање на сопствениот живот кое вклучува безгрижност и утописка среќа. Кој би можел да го стори тоа, да ги стави на пиедестал тие душовадци, непосакувани бременосци и тегоби кои кога ја запоседнуваат територијата влегуваат низ потта врз челото, додека кога ја измасакрираат радоста излегуваат со крвта од дамарите. Едноставно одбивни, не верувам дека некој би посакал да ги има за потстанари, а камоли да каже пофалба за нивното со нашето сопостоење, да се согласи дека е добро да се имаат. Но, секогаш има понекое “но” во духовниот универзум, маките се добри содругари за подобрување на нашиот статус на исправност кој би нѐ наведувал кон вистинскиот пат, со кочење во кривините и чување стабилност до трасираната линија. Со други зборови, тие се нашето оружје против сопственото его и гола амбиција кои не вивнуваат во небото во тело на балон природно ограничен да експлодира во секој момент. Тие се шлаканица врз нашето лице која не освестува од стогодишниот сон на Трнорушка за живот во кралство кое во реалноста не постои. И на крајот тие се начин за сочувство со сличните, кои патем ги има енормно многу, се причина за појава на љубовта, не само како розов збор за освојување на примитивен план, туку како појава со температура на вулкан и сеопфатност на виор. Тогаш и покрај нивната непривлечност ќе бидат добредојдени барем поради полезноста.

Од маките се раѓа и трпението. Ги примивме џелатите, се согласивме со нивните рефлексии врз нашето секојдневие, се помиривме со товарот кој стана нашето јас. Веќе ја чувствуваме новата доблест во палетата од наши карактерни особини, трпението. Со нерви ненапнати како струни од професионално штимувана виолина, со тврдина од непробојни ѕидови во својот абдомен и погоре, со долгорочно одбивање на искушенијата, навредите, континуираното негодно влијание, и како шлаг на сето тоа, дури и јаготка на врвот од шлагот, е високото мисионерско достигнување. Тоа е трпението, неговото височество со престол во најдрагоцените области во срцето кое умее да се справи со сите апокалипси во светот, секако онаков каков што е денес, и го нуди единственото и многу оригинално сознание дека светлото на крајот на долгиот тунел е доволно блескаво за среќа. 

 Така од трпението се раѓа искуството. Тоа гарантира дека утрешниот ден ќе биде како вчера и денес, дека што и да се случи сосема извесен ќе биде сонот на мртвите во распаѓање и будењето на живите во вечноста. Она што ќе биде помеѓу, нема да биде многу важно зошто е само привремено и кратко, нема да има доволно време ниту светлината да ни ја продолжи разузданоста, ниту мракот да ни ја одземе ведрината. Искуството ќе биде силен лидер на нашиот спокој дека нема да завршиме во слепа улица со елегантни тела низ кои поминуваат студените трпки на очајот.

А од искуството се раѓа надежта. Не сме веќе робови на лукавиот и неговите поставки дека крајот на секој човек е гробот длабоко под земјата, дека Бог е зол и неправеден за да не би сакал да го спаси секого и секогаш. Надежта не нѐ посрамува, таа е сламката на давеникот, но и нешто повеќе, соединение со сложен состав од супстанци како пријатно исчекување, подрипнато прегревање, предвидено задоволство и конечно верување. Големо напредување е нејзиното поседување земајќи го во обзир почетокот, прифаќањето на маките. Но, сега соборец ни е и Духот Свети кој не дозволува таа не напушти, … барем дотогаш додека ја имаме љубовта кон Бога. И само дотогаш додека дозволиме таа да се излади и Духот се одземе.           

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading