Зошто ме нарекуваш распуштеница?

Кога се разведов, го добив статусот ‘самохрана мајка’. Како тоа глупо звучи, демек- сама се храни. Има уште пострашна варијанта – распуштеница.( распуштена, прави што сака). Понижувачки.

Има и мажи кои живеат сами со децата, но за нив воглавно се вели самохран родител. Самохранта мајка е жена која нема маж, но има дете или деца. Многу често предизвикува сожалување кај другите, ‘Што ќе прави таа за греота сама?’

Кога е жената ‘сама’, значи не е омажена. Тоа кај поголемиот број мажи и ден денес може да значи- потенцијално лесна жена. А таа всушност, само повторно може да бира.

Кога се разведов па прежалив и кога таа мака ја испратив, ги сретнував некои стари пријатели, другари..им кажав дека се разведов, а тие- ‘Па, кога ќе одиме во живот?’

Една моја роднина цел живот беше сама, а мажена. Две деца, мажот постојано на пат. Кога ќе се вратеше, ќе донесеше и ќе поделеше подароци и тука неговото учество во бракот завршуваше. Таа сама ги носеше сите одлуки, бидејќи поинаку не можеше. ‘За среќа, децата пораснаа нормални.’

Тој беше како трето дете кое не се развиваше воопшто. За него мораше да се грижи најмногу. Да, кога ќе дојдеше дома, се’ беше како што тој сака, омиленото јадење на масата, мир да може да одмори, децата да се однесуваат исклучително воспитано, до следното патување се’ да биде испрано, испеглано, спаковано, да…

Пред неколку години, беше интересен еден туристички аранжман со изложба и шопинг во странство. Се договаравме пет-шест пријателки да одиме, три дена во провод, да се опуштиме. Сиот план на маса- распоред по соби, шопинг, на која што и’ треба, каде ќе одиме навечер, што се’ ќе правиме.

Планот направен два месеци порано. Кога…една мора да го ‘обработува мажот да ја пушти’ барем еден месец порано, другата мора да организира чување на децата, третата, свекрвата го скршила колкот, па да смисли кој наместо неа ќе ја пази. На крајот отидовме само ние двете самохрани мајки.

Велат другите: ‘Лесно ви е вас, вие сте сами, не мора на никој да му се правдате’.

И ние имаме деца и ние организираме чување на деца и ние за некој се грижиме, па успеавме се’ да средиме. На едната мажот и’ рекол: Ахааа, идат и овие двете без обврски, распуштеници, па таму ќе лудувате’. Примитивец.

Кога жената нема да се омажи до некои 35 години од животот, се вели за неа ‘На сите им бара влакно во јајцето, неа никој не и’ е добар, баксуз е не може со никој, таа сака се’ по свое’.. Кога ќе се омажи, па неговото семејство ја сака, тогаш ќе речат: ‘Фина е, мирна, сака да слуша’ . Кога мажот нема да се ожени, тогаш: ‘Ако нека се забавува, после ќе се зароби, нека му помине лудилото’..Секој има свој поглед.

‘Не може мажот да ја изневерува жената толку колку што жената може да се прави верна’- Френк Синатра

Горица Нешовиќ?

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: