Желба за добро во мене има, но да го правам тоа не наоѓам сили

        

“ И така, во себеси наоѓам таков закон дека, кога сакам да го правам доброто, злото ми се наметнува. Бидејќи, со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји, но во органите свои гледам друг закон, кој војува против законот на мојот ум и ме прави заробеник на гревовниот закон, кој е во моите органи.”  (Римјани 7, 21-23)

 Многу сакам да го правам доброто. Не поради можноста да бидам провиден филантроп кој ќе блеска среде медиумско внимание воздигнат заради донаторски акт со кој изнудил солзи од оние на кои им е подарено или воздишки од аудиториумот кој го следел сето тоа. Ниту поради тоа луѓето да ми се заблагодаруваат полни со зачудувачка енергија за она што им се случило, како за нешто што не е вообичаено во новите времиња карактеристични со егоизмот и себељубието. Едноставно, многу сакам да го правам заради чувството подоцна, што можеби и нема некоја подолготрајна амплитуда, но ме обзема од главата до петиците и не ми дава мира секвенционално прикажувајќи ми сценски кадри на среќни лица, онакви какви тие не биле долго пред тоа. Секако, таа состојбата се надевам дека се нарекува блаженство, никако не смее да биде причина за делириум поради пофалби, напротив тие треба да се избегнуваат со самоубедување дека правењето добро е само мала гранка од нашите должности на дрвото заповеди за вечен живот.

Но, иако сакам да го правам доброто, злото некако ми се наметнува. Несвесно, искушенијата си ја тестираат среќата и често успеваат да ме деморализираат. Се дружам со гневот, му удоволувам прекумерност на стомакот, завидувам, не ги почитувам сите желби на оние кои ме родија, крадам од времето за молитва за да го посветам на похота, го убивам секој миг на среќа со световната вознемиреност, се лажам себеси дека од утре ќе биде подобро. Само неколку примери за поголемата моќ на злото од мојата маленкост која според шемата на веројатности нема шанси да се й се спротистави, може само бедно да се стутка во некој ќош од каде што најгласно ќе се самопроколнува. Но, сепак останува надежта во крвта на Јагнето која попрскала многу потешки бремиња од моите.

Во органите свои гледам друг закон, гревовен, кој војува против законот на мојот ум и ме прави нивни заробеник. Ако разумот ми вели дека последниот залак е преголем и непотребен, наредната чашка само нагонува кон повраќање, белото шмркање кон агонија, моите органи се инаетат, го сакаат своето, па макар и да им е последно. Ако разумот ми вели на туѓа жена со желба да не погледнувам, тие повторно се погласни и битката е изгубена, сликата од очите ја погани душата, а крвта врие низ артериите. Ако разумот ми вели дека животот на соседот е поблескав од сјајот на неговата јахта, автомобил, дворец или егзотични патувања, тие ме омаловажуваат за мојата неспособност поради која живеам во колиба, патувам со велосипед и тоа само до локал дестинации. Што и да ми вели разумот, тие тоа го занемаруваат истакнувајќи ги нивните себични намери.

Но, понекогаш со својот внатрешен човек наоѓам наслада во законот Божји. Им давам на органите свои само колку што им е потребно да служат, остатокот го припишувам како разгалување и го прераспределувам на моето време посветено на разговор со Бога. Вообичаено тоа не е двострана конверзација бидејќи најчесто се жалам, плачам, каам, убедувам дека ќе се променам, но на крајот излегува многу убаво. Се чувствувам како новороденче кое со зачудени очи за прв пат го гледа светот и верува дека се е прекрасно. Тоа се широко отворени очи полни со надеж.

СП Апостол

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading