Постојат партнери од кои не се откажуваме дури и ако им е очигледно на блиските околу нас, но не и нас. Ова посебно се однесува кога се обидувате да остварите врска со дисфункционален партнер. Таквите партнери се зависни, нарцисоидни типови на личности, емоционално или на некој друг начин недостапни партнери.
‘Ќе биде подобро, ако направам уште ова, можеби’..
‘Па можам да му дадам уште една прилика, не е проблем’
‘Мора тој да сфати дека сум јас најдобра за него’
Сето ова е самозалажување. Никогаш не е само уште овој пат. Жените повеќе се надеваат, веруваат во подобро, чекаат, но страдаат и се жртвуваат поради друга личност. Проблемот е во идејата која ја носите во главата. Вашата илузија дека со своето однесување ќе успеете да смените некого. Што и да направите, другата страна сепак ќе направи по свое. На крајот на краиштата единствено можеме да влијаеме на самите себе, се’ друго е чиста илузија. На личноста можете да и’ понудите совет, но секогаш секој се менува исклучиво ради себе.
Зошто е толку тешко да се откажете кога е видливо дека нема да успее?
На ова прашање погледот во минатото го дава одговорот. Додека сме мали, родителите ни го даваат најважниот пример. Зависни сме од нивното одбрување, внимание и љубов. Во нашите очи се јунаци без оглед какви се. Детето ќе направи се’ за да ги задоволи родителите.
Да ги замаскира своите чувства, да ги потисне своите потреби, желби, да го крие своето тело, се’ што им смета на родителите или она што не одобруваат. Овие уверувања можат да се шират и развиваат до зрела возраст и може да влијае на понатамошното однесување на личноста.
Како возрасни бираме личност која не може или не сака да ни даде љубов, поврзаност и внимание, но еден дел од нас верува дека еднаш токму таа личност тоа може да ни го овозможи. Само треба да бидеме доволно упорни и трпеливи. Тоа доаѓа од нашето внатрешно дете, кое и понатаму не може да сфати дека мама или тато беа такви какви што беа и дека времето не може да се врати, како и да се исправат нивните постапки.
Ако веќе не успеавте да ги промените родителите, мора да постои начин тоа да го направите со партнерот. Овде Сигмунд Фројд воведе поим репетитивна компулзија, односно однесувања кои се повторуваат, а се користат кога не може да се пушти партнерот, за да се избрише некоја траума или некоја мината емоционална повреда;
– Постојани повици упатени кон партнерот
– Контрола на партнерот по социјалните мрежи.
– Размислување за тоа каде е и што прави( дури и кога односот одамна заврши).
– Менување на себеси за да се постигне партнерот конечно да ве засака.
– Надевање дека ќе бидете заедно (иако фактите во стварноста зборуваат поинаку).
Се’ додека се надевате дека можете да ја поправите врската која не функционира, создавате фрустрација, напнатост, болка, непријатност, конфликт во себе и можност за скриена депресија. Од тие причини после раскинувањето може да се појави голема тага, депресија, напади на паника.
Како понатаму?
Сиот фокус кој беше на партнерот и врската, одеднаш се преместува на вашиот внатрешен свет. Таму одеднаш може да се појави голема дупка, празнина, осаменост. Празнината може да биде патоказ за понатамошен развој на душата. Потребно е да се прошета по минатото и да видите дали го заборавивте детето во себе кога влегувавте во светот на возрасните.
Како детето се чувствуваше? Што сакаше? Се чувствува сакано, напуштено, заборавено, невидливо? Кои слики ви доаѓаат кога ќе се сетите на своето детство? Или е се’ потиснато длабоко во вас?
Поврзаноста со вашето внатрешно дете може да ги реши проблемите кои ги имате како возрасна личност, од односите со луѓето, до внатрешните конфликти. Секој од нас во себе има возрасна личност и мало дете од кое потекнува возрасната личност. Има многу возрасни луѓе кои всушност и понатаму го живеат своето детство..
Клучот понекогаш лежи во тоа дека прво треба на внатрешното детето да му дадете љубов, па со него да ги отпуштите своите повреди од минатото, па потоа да започнете однос самите со себе. Тој однос е оној што ќе го имате за цел живот, пред сите долги врски. Тогаш навистина почнува чудесна промена во самата личност.
Марта Краваршчан
Leave a Reply