Препуштете ја својата немоќ на Духот кога не знаете за што да се помолите

“Исто така и Духот нѐ поткрепува во нашите немоќи, бидејќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба, туку Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување.“ (Римјани 8, 26)

 Молитва. Основно оружје за борба со злото во себеси, големи моменти за разговор со Таткото, поделба на многу важни и неважни дилеми кои загрижуваат, осаменост која во ниту еден миг не е самотија туку реликвија која продуцира надеж. Навидум едноставна, само изрекување на зборови кои површно се често изразување на желби, и поретко, подлабоко се порив на каење и потреба од простување, е многу тешко да биде плодотворна. Не поради правилата како би требало да се произнесе, ниту поради жарта со која се повикува, воглавно поради искреноста до дното на себепознавање дека тоа е почетниот стадиум на еден покајник, па се до врвот на копнежот да се добие вечноста како гарант за продолжување на овоземниот живот. Или симплифицирано кажано, молитвата, односно плодовите кои од неа ги очекуваме, воопшто не е едноставна.

Бидејќи не знаеме за што да се помолиме. За богатство ли, нема да ни биде услишено за онаа форма која ја посакуваме. За среќа ли, нема да ни биде услишено во оној облик за кој мечтаеме. За мир ли, нема да ни биде услишено за онаа сорта на која сме се претплатиле. Нема, нема да ни биде услишено бидејќи ниту знаеме да побараме, ниту пак да го идентификуваме добиеното. Така ќе бараме богатство, ќе добиеме мир, нема да го препознаеме она што не свети како сонцето и шушка како гнилите лисја. Ќе бараме среќа, ќе добиеме богатство, нема да го препознаеме она што овозможило нашата душа да лебди високо над непристапните предели кои не знаат за тага. Ќе бараме мир, ќе добиеме среќа, нема да го препознаеме она што тивко плови низ нашите дамари, непредизвикувајќи ниту бура, ниту бранови.

Бидејќи во нашите немоќи не знаеме за што да се помолиме, како што треба. Ако не постојат правила тогаш како знаеме дека сме погрешиле? Бидејќи не сме услишени. Дали навистина не сме услишени или само нашето трпение нѐ оставило на половина пат од исходот кој можеби би не изненадил? Да, малку подоцна ќе ја примевме наградата, или молбата ќе ни беше поништена поради злата судбина која ќе произлезе. Тогаш како да се помолиме? Без многу зборови, со многу солзи и без воопшто верба во сопствените сили. Тишината ќе ја отсликува почитта пред Оној пред кого застанавме, солзите се дар за споменување на гревовите и жал за стореното, и вербата да биде само во Небото кое знае непогрешливо. Некогаш, што лично посакувам да биде секогаш, молитвата може да биде само тишина, имајќи во предвид дека Јагнето ги познава нашите срца и се што чмае во нивните одаи, тишина во која не се разменува ништо друго освен спокој, неговите трансформации за поминато минато, подготвена сегашност и очекувана иднина. Колку ли едноставна била молитвата.

И на крајот Духот Сам посредува за нас со неискажливо воздивнување. Не може да дочека да се одлучиме дали ќе бараме во невозбуда, дали воопшто ќе тропнеме на вратата од Небесата или ќе рецитираме молитва по однапред утврден шаблон научен од претходниците. Ќе воздивнува за нашата гревовност, за нашите желби поголеми од можностите, за нашата гордост со која правопорционално на нејзина надуеност се намалуваат деновите за корекција, за нашето слепило при очи широко отворени за да го сместат само опипливото во толку мали димензии. Ќе воздивнува и ќе се чуди за толку големата тврдоглавост за промената која толку многу се известува во Евангелието. И ќе продолжи да воздивнува сакајќи да го спаси целиот свет без исклучоци.  

СП Апостол

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: