Ние всушност никогаш не бараме премногу, но често имаме очекувања од погрешни луѓе, од оние кои не можат или не знаат да ни возвратат љубов.
Силата, искреноста и јачината со која сакаме ги плаши оние кои отсекогаш емоцијата ја доживуваат површно, преку занес и привлечност која ќе ја почувствуваат кон некој, па тоа ќе го поистоветат со љубов.
Но, љубовта е нешто друго. И дури кога ќе се истроши занесот и хормоните кои ќе не’ доведат до лудило, па речиси сме манијакално опседнати со некој, сфаќаме дека сме празни. Празни сме. Ако не се развие длабочина. Ако таа личност покрај нас стане само тело, со која немаме ниту желба, ниту потреба да ги поделиме своите мисли, желби и стравови. Ако срцето од копнеж ни трепери по некој кој ќе не’ разбере, онака вистински.
Затоа секогаш велам дека телата доаѓаат и проаѓаат, душите тешко се забораваат.
И често ќе се случи ние да му бидеме на некој таква душа, незаборавена, непрежалена. Некој, кој во времето додека траевме, се обидувавме и се вртевме еден околу друг како две пеперутки околу светилка, тој наш некој не не’ доживуваше, туку не гледаше како една од можностите за некогаш и некаде или ако не успее нешто друго, ако некоја залуденост се изјалови и стане едно разочарување. А стана.
Повторно залуденоста стана само тело. Уште едно тело, уште една кожинка која не беше интересна.
И почнуваме да недостасуваме, ние. Ти, јас, таа…било која.
И изненадени сме од пораки на кои никогаш не се надевавме и повици во глуво доба од броеви кои одамна се заборавени и средби очи во очи, онака ‘случајно’, иако сме свесни дека никако не се случајни.
И стануваме свесни дека сме непрежалени.
И јас така станав непрежалена. На некој. На некој кој одамна ме мачеше со своите тривијалности и недоследности и кој со сета своја сила посакував да го заротирам, потурнам, да направам да прогледа, да се трзне, еднаш барем да направи нешто, а тој цврсто и упорно стоеше во место, како некој таму да го забетонирал.
Се сеќавам дека горев одвнатре од лутина и немоќ и дека очите ми се полнеа со солзи до таа мера, што се плашев дека за прв пат во животот ќе се расплачам токму пред еден човек која не сакав по никоја цена да ме види во солзи.
Се сеќавам дека се заколнав во тој момент- никогаш повеќе нема да останам предолго, дека ќе се тргнам ако некогаш намирисам дека ќе биде такво разочарување, на некој кој има емоција, но упорно не сака да ја покаже бидејќи се плаши, не од мене, туку од својата идеја за врзување.
Многу ноќи се прашував дали добро постапив? Дали требаше да останам уште само малку, барем уште еден ден? Да кажам уште нешто, било што? Но, знаев дека направив се’ и дека не можев да продолжам да живеам така, да сакам всушност за двајца.
Речиси сум сосем сигурна дека цврсто веруваше дека го сакам доволно лудо и дека никогаш нема да кренам раце и да заминам. Но, тоа е таа грешка. Грешка на претпоставки.
Ние луѓето не ги слушаме, ниту забележуваме дека зборуваат, бидејќи толку многу сме окупирани со она што посакуваме и што сакаме да слушнеме и… не слушаме што зборуваат. Не разбираме. И потоа ќе бидеме шокирани кога еден ден тие зборови ќе не’ опоменат, кога ќе станат его што се одбива од ѕидовите на празните соби, со премногу спомени на двајца луѓе, на идеали, разочарување, обиди и претпоставки.
И тој мене тогаш не ме слушна, премногу беше опседнат со сопствената галама во мислите.
Можеби некаде по патот изумил дека сум жена која во се’ бара реципроцитет и дека сум подготвена да го дадам цел свет, но ништо помалку од тоа нема да биде доволно. Со подеднаква јачина со која умеам да сакам, можам и да престанам.
И така престанав. Како и многу од вас драги мои. Можеби дури и заминавте дури лудо сакавте, бидејќи сфативте дека се борите со ветерници и дека никогаш во таа пегратка нема да го најдете својот дом.
Можеби само се уморивте и одлучивте таа љубов која му ја дававте нему, да ја пренасочите кон себе. Можеби ви досади како деновите стануваат месеци, а месеците стануваат години во чекање на нешто што не можете јасно да го опишете, но знаете дека требаше да го добиете. Дека е тоа оној минимум на љубов, потребен двајца луѓе да можат да траат.
Можеби по малку гледате со презир, бидејќи се согласувавте на се ‘ она што не сакавте, на помалку а сонувавте многу.
Можеби одеднаш сфативте дека животот ќе помине, а вие ќе го проживеете во чекање и надеж и ќе доживеете мала смрт во градите секој ден кога ќе видите среќни лица, среќни луѓе, кои живеат навистина она што се.
Можеби на крајот и го замрзнавте тој некој, бидејќи не ви го даде она што сметавте дека го заслужувате.
И така во некој момент заминувате. Прашувајќи се исто како и јас, дали требаше или можев уште нешто, а знаев, токму како што знаевте и вие, дека не требаше ништо екстра. Дека дадов и повеќе отколку што треба и дека е сосем во ред што самата се застанав на својата црта и одлучив за себе дека сакам и заслужувам многу повеќе.
И така кога години ќе поминат и ќе се случи една таква средба и ќе видиш во неговите очи дека си станала тој преубав идеал кој го имаше па го пушти да му се лизне низ рацете. Неговата непрежалена.
И се прашуваш зошто ништо не чувствуваш и зошто тоа не те допира, но сфаќаш дека повеќе не си таа жена од таа мината приказна. Неа тие зборови и тој поглед порано ќе и’ значеа се’ на светот. Таа тоа го сакаше, таа на тоа се надеваше. Но, ти повеќе не си таа жена.
Затоа, ако ја завршувате приказната, завршете ја во своето срце, така што и нему и себеси ќе си посакате секое добро, нешто лесно, среќно, несомнено љубовно. И бидете сами некое време кое е потребно да се излечите од скршените идеали и горчината која останува, па во нешто ново влезете со чисто срце и мирна душа. Бидејќи никој не не’ натера да сакаме, тоа запомнете го, сета љубов која ја дадовме беше наш избор.
Нашите очекувања се само наши. Нашите илузии се наши, како и одлуката дека утре ќе одиме по некоја друга патека, сето тоа поради себе ќе го направиме и додека сакаме и кога заминуваме.
by Рита
Leave a Reply