Никоја твар не може да не’ оддели од љубовта Божја  

“Оти сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни ангелите, ни властите, ни силите, ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, некоја друга твар ќе може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ.“ (Римјани 8, 38-39)

 Сигурно знам дека смртта не може да нѐ оддели од љубовта Божја. Што може таа проклетничка, најнепосакуваниот збор во сите азбуки и посебно избегнуван од постарите генерации, да наштети и нѐ одврати од најголемата љубов што може да се замисли, не како онаа имагинарната која не ни сѐ случува или сеизмичката која кратко нѐ потресува, туку нешто што не може да се умува, само искуси и зачува. Таа љубов е нежна, заштитничка, татковска, духовна, понекогаш строга, повеќе пати блага, никогаш лицемерна, секогаш сеприсутна. Смртта не си дозволува да смеша прсти во овие епитети, ниту да отстои пред нивната моќ да ја фрлат во заборав и на потенцијалното ѓубриште за отпадоци на кои не им се обрнува внимание.

Сигурно знам дека ни животот може да нѐ оддели од љубовта Божја. Амбицијата за живот како што ја толкувавме кога бевме гладни беше толку немилосрдно егоистична што со својата незаситност да се опфати што повеќе од материјалноста и уживањето нѐ доведе до просјачки стап од чија згрбавеност беше многу тешко вистински да се љуби. Сите атоми беа потрошени на занес кон лажниот сјај, со што малку срцевина остана за љубов кон ближниот свој и скоро ништо за Бога. Мислејќи дека го дишеме со полни гради, всушност сме цицале само од догорчињата на сопствената заблуденост по авантурата наречена живот.

Сигурно знам дека ниту ангелите, ниту властите, ниту силите може да нѐ одделат од љубовта Божја. Едните како претставници на Небото, другите лидери на земјата, третите со потисни капацитети, имаат различни мотиви да ни застанат на патот на нашата најголема љубов. За ангелите, тие добри и мили суштества кои имаат можност да го гледаат Бога, немам идеја зошто би нѐ оневозможиле и ние да го сториме истото притоа чувствувајќи го најисконскиот копнеж досега. Можеби ако се зборува за некој од онаа отпадната третина од Небото предводени од сатаната чија завист ми е добро позната. За властите и силите, тие калкулативно настроени и човечко уништувачки суштества, имам многу идеи како би можеле да ни ја огорчат секоја трошка љубов. Но, само кога сме надвор од нашата тврдина.  

Сигурно знам дека ни сегашнината, ни иднината, ни височината, ни длабочината може да нѐ одделат од љубовта Божја. Со сегашнината сме во вечен костец, со иднината во голема дилема, височината нѐ плаши,  длабочината нѐ страши. Ниту една не е доволно стабилна за да се потпреш на нејзините ветувања и почувствуваш нешто налик на љубов. Затоа подобро е да се изолираат во срцевите комори за неизвесност и не се употребуваат ниту како поука. Можеби само понекогаш кога ни е потребен мал самопредизвик да се погледнеме во огледалото анализирајќи ја рутата и привременото стојалиште.

И сега сигурно знам дека никоја друга твар не може да нѐ оддели од љубовта Божја во Христа Исуса, нашиот Господ. Често ја трошиме таа љубов кога сме поразени во долгите напорни битки со самите себеси и со сите бури кои светот ги насочува право кон нас. И кога недоверливо стануваме од постојаните молитви за постојаните желби кои не се остваруваат. И кога сме одлучиле дека депресијата е единствен начин да се замолкнеме во напорите за уште една борба и уште еден ден посветени на најсветата кауза која постои. Но, за среќа таа не се троши ниту грам во квалитет и сеопфатност и секогаш е блиску до нас. Само чека повторно да ја зграбиме.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: