“ Радувајте се со радосните, и плачете со расплаканите! “ (Римјани 12, 15)
Радоста и тагата се претпоставувам едни од најсензитивните жици од виолината наречена чувства, контрасти кои не се поднесуваат, го посакуваат престолот само за себе без притоа онаа другата воопшто да биде присутна ниту во подножјето, со максимална моќ кога во времето на владеење на едната не им се допираат ниту заедничките самогласки. И обете царуваат беспрекорно со секој дел од телото, прво психолошки заведувајќи го разумот, а потоа и физички креирајќи еуфорични или еклиптички движења на видливите органи. И во мракот би се распознал човекот кој можеме да го наречеме радосен, за кој нема да говори неговата силуета, но ќе ѕуни гласот полн со интонации кои го надвикуваат светот, кој ветува и она што не може да го исполни, кој полетува без погон на крила и гориво. И во темнина би се распознал човекот кој можеме да го наречеме тажен, за кој ќе говори неговата подгрбавена силуета, шепотот кој наликува на мрмор од одвај извлечени зборови без живост и иднина, ветувањата без убедување дека ќе потроши грам повеќе од преостанатата енергија, и нагонот за приземјување после падот со скршени крила. Чудни се радосниот и тажниот човек, но не до толку за да им се завидува или жали нивната судбина во која за час може да се најде секој судија помеѓу нас.
Радувајте се со радосните. Цицајте од нивните причини за радост, обидете се да ја разберете приказната кој била аура за нивната светлина, допрете до зборовите кои како мед потекуваат од нивната измислена среќа. Поради каузата дека бесплатно добија па бесплатно ќе даваат, никогаш од нив нема да добиете негативен одговор на вашите барања за размена на информациите кои ви се потребни да наликувате на нив. Напротив, ќе сведочат многу ревносно за Изворот на жива вода од каде ја исцрпиле идејата за животот, од многу длабоко, во цела буица измешани надеж, мир и спокој. Можат да раскажуваат со денови за нештото што око не видело и уво не слушнало, како сосем вообичаена случка која секого би вовлекла кога секому разумот би му го кажувал највистинското. Навидум изгладнети, без скапоцено облекло и имотен инвентар, само со жарот во очите ќе ви бидат огледало во кое ќе си го видите сопствениот одраз кој онака зачуден ќе ви овозможи да попримите нешто ново од палетата на мироносни намирници. Тогаш верувајте на тие пораки, несомнено веродостојни поради неописливата радост на гласникот.
Плачете со расплаканите. Не дозволувајте нивната тага да го обземе вашето срце и да го направи најслабата алка во синџирот за заштита од светот. Обидете се да ја разберете приказната која била вулкан за нивните солзи, допрете до зборовите кои како отров потекуваат од нивната раноутринска трагедија. Поради каузата за родени под погрешна ѕвезда, никогаш од нив нема да добиете потврден одговор за вашите утехи дека барем малку успеале во откраднувањето на непосакуваното бреме. Ќе сведочат многу ревносно за неправдите на земјава, за удопството на богатите, за распределбата на болестите, за очекувањето на апокалипсите. Можат да раскажуваат со денови за судските процеси, а притоа да не споменат ниту еден збор за слободата. Навидум изгладнети, со скапоцено облекло и имотен инвентар, само со пеколот во очите ќе ви стават до знаење дека животот е гладијаторска арена, во која борците не се луѓе, туку има и лавови. Тогаш не верувајте на тие пораки, и направете го само она што ви преостанува, сочувство и немоќ…
Радувајте се со радосните и плачете со расплаканите. Додека сте на земјата нема да ве одминат насмевките и плачот. Поважно е да се подготвите против уживањето кое може да ве прелаже да ја распуштите вашата одбрана и против плачот кој може да ве заблуди дека таа никогаш ниту постоеше. И не заборавајте дека нивното вкрстување обилно ја плакне душата.
Leave a Reply