Дали сте имале искуство со патолошки лажливец, нарцис или измаманик?
Таа да, го имаше во својот живот. Сите три врсти во една личност. Да и’ кажеше некој пред година- две дека дека ‘тој некој’ кога-тогаш ќе го покаже своето вистинско лице, ќе му кажеше дека е луд и ќе му ја треснеше вратата. Не вредеше никакво предупредување. Требаше сама да се увери како изгледа една од најлошите врсти на човечкиот род.
Секаде ги има, дури и во твојот град. При тоа не мислам на луѓе кои човечки ‘згрешиле’, го решиле секое недоразбирање и недоумица како луѓе и со мирна совест продолжиле понатаму. Мислам на долгогодишни играчи, на манипулатори и лажливци.
Зошто лажете? Зошто сте неверни? Зошто една жена не ви е доволна? Зошто ги избирате првенствено жените кои дури и ви поверуваа во љубовта? Ако сте несреќни, зошто, на пример не се разведете?
Одговорот е едноставен. Лишени сте од секое чувство на срам и совест, ништо не ви е важно освен вашиот плен. Бидејќи тоа е едноставно се’ што жената во тој момент вас ви претставува. Игра, план, плен и ако е уловена, секс. Способни сте да водите двојни животи без да трепнете и лажете само што ќе отворите уста, бидејќи тоа ви е единствената опција.
Само една работа ќе ве замолам. Барајте барем личности слични на вас, барајте луѓе на кои тоа не им смета, барајте личности на кои не мора да им лажете, кои се согласуваат на вашиот начин на живот.
Не оди а? Тогаш не мора да лажете, а лагата е единствено нешто што ви го подигнува егото и други работи. Зарем не?
Вака одат некои приказни…
Живееш во стан со жената и три деца, седиш пред компјутер, сурфаш на Фејсбук и бараш, вребаш. Досадно ти е. Жената е толку досадна. Малку сакаш да се играш. Ќе пратиш една порака, две. Ќе се правиш дека си шармантен, прекрасен, романитчен. Некој ќе те ‘прочита’ од прва. Некој не. Некој е исполнет, а некој токму сега поминува низ најлошата фаза во животот и ќе послужи како плодна земја. Во твоите убави зборови ќе најде утеха. Ќе се навлече на тебе. Ти и понатаму ќе играш игра. Ќе станете пријатели. Таа долго ќе се воздржува.
Ти тогаш го извлекуваш планот Б! Несреќен си во бракот, жената те изневерува, веќе одамна немаш ништо со неа! И тоа после долго време ќе запали. Таа никогаш не се сретнала со нелуѓе како тебе. Не е глупа. Наивна е. Моментално и’ е тешко, а ти одглуми брилијантно. Дури и вљубеноста. И’ ја довери тајната која никој порано не ја знаеше. Ќе те тера, ќе се бори и ќе го држи одбранбениот ѕид колку што може, но кога ќе попушти, ти ја свртуваш приказната, почнуваш да се играш со неа.
Една од најголемите несреќи е да се закачите за такви луѓе и кога ќе влезат во вашиот живот, а верувајте ми, го прават тоа многу вешто, не е лесно да се препознае, посебно кога сте заокупирани со друга неволја и не се сомневате дека ви се приготвува уште поголема, бидејќи не сте научиле па ви треба лекција како ниту една до тогаш во животот.
Драги мои паметни, вредни, но и наивни девојки и жени, вие кои сте немале искуство со такви, вие кои верувате во добри луѓе и во љубов, во кои срцето не е скршено. Не наседнувајте! Прво, таква порака веднаш бришете ја, не ја прифаќајте. Ако ви зборуваат слатки зборови, а патем се женети, бегајте далеку. Не се тие несреќни, нив само им е досадно бидејќи им е потребна нова играчка. Нивните жени не се неверни, тие се единствени кои се неверни и тоа им треба.
Бегај и не се враќај. Чувај се, заслужи најдобро, полесно е да се биде сам отколку да се трпат такви нелуѓе покрај себе и да се чека што следно ќе подготват. А има луѓе, прекрасни и добри и само уште повеќе ги почитуваш кога ќе се решиш од лошите за цел живот.
Чувај се, изгледа како човек, ама не е!
Наташа
Leave a Reply