“ Бидете помеѓу себе едномислени; не мислете за високи работи, туку држете се смирено; не мислете дека сте мудри. “ (Римјани 12, 16)
Кога ќе размислам за човечкиот вид малку пообемно, ќе сфатам дека едномисленоста е повеќе категорија во изумирање, и тоа таква ендемска сорта која предизвикува фобија од помислата дали навистина ќе го пронајдеме нашиот истомислен соговорник. Веројатно тоа произлегува од тоа што сите ние не сме си ги изедначиле целите на нашето постоење и стремежите со кои сме континуирано преокупирани, па нивната мембрана како несфатливо глупава ограда, ни пречи да проговориме на заедничкиот јазик. Комуницираме технолошки лесно и брзо на повидок ни излегуваат и ликовите и гласовите, но многу оддалечени се душите кои копнеат да ја погодат темата на која ќе можат да се подигнат од земјата и вивнат во просторот на меѓусебно разбирање. Таму е веќе задоволство да се престојува па дури и кога се молчи и дозволува само очите да говорат со сјајот на истоимената приказна со добро позната поука.
И не мислете за високи работи. Оставете да мисли Највисокиот за вас и вашите грижи, за оние кои мислите дека ги имате и за оние кои ги имате, но не сте свесни дека загрижуваат. Зошто би си ја растурал животната енергија во завист и сончевината од зениците во мрак за да би добиел раскошна градба наместо колиба или луксузен автомобил наместо возило на тркала кое безбедно стасува до крајната дестинација или пак егзотично патување до скапоцена колоритна термичка течност наместо пејсажна лединка со пенлива рекичка во која нозете свежо остинуваат. Зошто би си го вознемирувал ангелскиот сон за дејствија врз кои немам сопствено влијание, или ако го имам претпоставувам ќе биде колебливо и со отпосле нарушена совест, или ако го имам ќе биде копнеж по недофатливите планински врвови, небесни облаци и сводовни ѕвезди кои ќе ми се смеат за моите детски напори да го зачувам воздухот во чаша и водата во сито. Најдобро да мислам само за денешниов ден бидејќи доволно му е злото кое го понесол и од мене.
И држете се смирено. Погледот кон земјата не значи секогаш срам, туку понекогаш и прекор кон сопствените блуеници, ветување дека со подигнувањето на очите ќе се гледа светот во поинакво светло од минатото, заклетва во нејзините вечни скелетни престојувалишта за обид да се распне стариот човек и даде можност на повторно родениот. Смирено, иако воопшто не е лесно, значи да се стои на сопствени нозе макар и подгрбавено, да се спротистави на бурата која беснее околу тебе, да се каже “не” на заткулисните намери на демоните, да се одбие лажниот сјај со презир што му доликува, да се плаче од гнев кон немоќното тело и од жал за кутрата душа. Да се биде смирен во сегашните услови на егзистирање е сосема еднакво на стекнувањето со Нобеловата награда, ако и во него нема учество на некое прсте од лукавиот.
И не мислете дека сте мудри. Световните знаења не се доволни за да се прими мудроста неопходна да го трасира патот до Небото. Ниту една математика не може да ја пресмета далечината до Рајот, хемија кои состојки се потребни за вечен живот, ниту географија на која ширина се наоѓа
бездната. Тие можат да го олеснат животното бреме, но и да нѐ заведат во нашето себеспознание да се процениме со високи оценки, немеродавни за вистината. Затоа бидете едномислени помеѓу себе, барем за најважната лекција; не мислете за високи работи, барем до најважното патување; држете се смирено, барем до последните денови; и не мислете дека сте мудри, барем не секогаш.
СП Апостол
Leave a Reply