Ако ти требам за ‘подоцна’, тогаш ти мене за ‘никогаш повеќе’

Мојата добра пријателка излегуваше со ‘совршен тип’. Сите други не постоеја повеќе во нејзиниот живот, вклучувајќи ме и мене. Јас се надевав дека можеби ќе се видиме дури следната година или можеби не.

Но, утрово таа се јави. Плачеше неутешно. Бидејќи тој е коњ и уште сто неповрзани зборови кои не успеав да ги разберам помеѓу солзите. Веднаш ми закажа состанок, но јас ја одбив… Да, ја одбив, бидејќи имав други планови.

Додека е среќна и се’ е потаман, ја нема на хоризонтот. Кога ќе почнат проблемите во ‘рајот’ тогаш сум на ‘speed dial’. Имаме сите една таква пријателка или пријател, оние луѓе кои ќе се сетат само кога нешто им треба, кога нив им одговара и кога немаат дежурна будала да ги забавува. И не, не се тоа приказни кои им се случуваат само на тинејџерите, тоа е однесување на кое се подложни луѓето од секоја животна доба и тоа е она што е загрижувачки.

Во овие времиња луѓето многу малку имаат обзир кон другите и пополека губат допир со стварноста. Сметаат дека пријателствата можат да се одржат на вибер или инстаграм. Затоа не треба да се чудиме ако некој се спушти на нашата листа на приоритети, бидејќи едноставно немам време ниту сакам да го најдам за нив.

Можеби зборовите се сурови, но едноставно е така.

Зошто некој да најде време за некој кој времето не го цени? Зошто некој ќе се труди да негува некој однос, а другиот тоа го зема здраво за готово, со претпоставка дека оној првиот едноставно секогаш ќе биде тука како инвентар.

Исто важи и за љубовните односи. Колку и да ви се допаѓа, колку и да ве сака, тој некој мора да се избори за своето место во вашиот живот, тоа не доаѓа на тацна. И секако обратно.

Луѓето кои со години се тука, своето место одамна го заслужиле. Тие се приоритет.

Знам, ќе има и такви кои ќе кажат дека тоа е себично и дека никогаш не треба да се откажуваме од саканите, од пријателите. И тоа е вистина, од вистинските луѓе не се откажуваме. Но, не сме тука само за оние кои се откажале од нас.

Марија

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: