Странци со спомени

Откога сфатив дека твоето однесување кон мене е многу поважно од тоа колку те сакам, се смени целата приказна. И застанав на патот на судбината…го променив нејзиниот тек.

Запрев за миг да ја слушнам тишината. Во неа се сокриле сите одговори, дури и оние чиишто прашања се плашев да ги поставам.Тишината која шепоти за разделба помирна од средба. Тогаш кога “засекогаш” не траеше засекогаш, станавме странци со спомени. Странци кои имаат своја песна. Во миговите кога бевме среќни уживавме во нејзината мелодија, сега…сега го разбрав секој нејзин збор.

Странци чии иницијали некогаш беа издлабнати во старото дрво. Сега избледени од забот на времето…Некогаш се разбиравме со поглед, додека не се претворивме во двајца кои не зборуваат на ист јазик…Додека сонцето ми го гали телото, месечината ми ја покрива душата. Таму каде што се допираат сонот и јавето…таму заспала, уморна.

Таму покрај ветувањата кои останаа неисполнети…само прашина која чека да биде оддувана. Избришана…На крстопатот каде што се среќаваат гордоста и желбата, таму си го оставив срцето. Таму за него запре времето.Таму покрај искршеното огледало, а во него искршен лик. Чука само колку да знам дека сум жива…

Во снегот само еден пар стапалки…осамени…без насока и цел. Студот е единствениот сопатник, но тој не остава трага. Само нем сведок на солзите кои пресушиле. На безгласниот крик. На двајца кои некогаш не биле странци. Судбината ќе испишува нови приказни, времето ќе ги памети старите.

Велат оние кои се разделиле со бакнеж…нивните души ќе се пронајдат повторно…Да знаеше дека ме бакнуваш за последен пат…ќе траеше ли бакнежот подолго?


Росана

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: