Одмаздата не е наша туку на Бога

“ Не одмаздувајте се, возљубени, за себе, туку дајте му место на Божјиот гнев. Оти е напишано: Одмаздата е Моја. Јас ќе отплатувам – вели Господ. “ (Римјани 12, 19)

Толку природна потреба станала одмаздата, срасната со нашите екстремитети, што не се возбудува ниту кога се дрзне да удира по лицето на нашиот ближен, без претходно да се засрами и го заврти другиот образ. Нејзината наезда во нашата душа, слична на вулкан со постојана ерупција, најпрвин ги уништува нашите органи пробивајќи си пат низ пукнатините кои ќе ги направи кон жртвите во надворешноста. Таа е жарче кое не согорува, тлее и чека на кислородот кој во доволен проток да ја направи оган ќе го донесе здивот на напатениот, копнежливиот по одмазда. Лесно може да евалуира во сторение кое завршува во крв, крајниот чин на човечката бесмисленост и безразумност, настан кој не само што прегазува една од Заповедите што живот значат, туку и води до безмилосна изгризана совест која нема да се задоволи само со својот удел во ноќните мори. За жал, со голема свесност за искажаните негативни последици од посегнувањето по неа, правопропорционална е нејзината слаткост додека сѐ чека и во почетокот после егзекуцијата, мигови кои напатениот го прават среќен за злото што го нанесол во име на само нему позната правда, и пред се за страдањата низ кои жртвата поминува, повторно според само нему пропишана скала од еден до десет. Со жал за големата заблуда родена во магла која брзо испарува.

И така возљубени, да му дадеме место на Божјиот гнев. Ме повредил мојот ближен со неговите удари во мојот физикус, со неговите зборови кои ми го раскрвавиле срцето, со неговите мисли кои не сум ги препознал, со неговите дела за кои сум се вчудоневидел. Голема палета на конфузни агресии врз мојата личност на која й е потребен и голем Лекар за да прости и препушти. Да му дадеме место на Божјиот гнев. Да се откажеме од сопствената правда со несигурна мапа за да знае до каде се вистинските граници и некалибрирана вага за да може да ги измери последиците на крајот. Љубете ги непријателите свои, иако звучи апсолутно невозможно, е одлична мерка која е повеќе пропишана да ја намали седеструктивната омраза во нашата душа, отколку да покажеме тешко никната незамислива љубов. Да не стоиме немо со скрстени раце кога нашата ранета суета дивее низ духовните закони кои ги почитуваме и веќе нѐ одвеле на половина пат до Небото, туку да почнеме да шепотиме и се молиме за мирот во јас и затишје помеѓу нас. Да му дадеме место на Божјиот гнев, Тој знае кога електрицитетот е доволен да се измолкне молња од ведрото небо.

Напишано е: одмаздата е Моја. Тешко на оној кој паднал во рацете на луѓето, подобро е Бог да го суди. Но, тешко и на оној кој паднал во рацете на Бога и треба да вкуси од неговата одмазда. Не би можел да препоставам каква би била таа, иако сигурен сум дека не се говори за варварски методи на некој садистички малоумник. Него би му прилегале префинети дејствија кои и покрај навидум настани исполнети со свирепост и безмилосност, всушност се само образовно воспитни лекции кои казнетиот требало да ги научи многу порано. Во моментот на третирањето, за наше размислување тие се нејасно дефинирани, но и кога би го знаеле она што од Бога не е скриено, повторно ќе кимнеме со глава во знак за неволно одобрување. Велам неволно поради згрозеноста од нешто што би можело да ни се случи и нам или пак поради незадоволството од висината на казната на нашиот ближен непријател. Така секогаш незадоволни да се утешиме со тоа што само Господ смее да отплатува. И да се молиме и ние да не се најдеме во неговата сметка.  

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: