Aко те праша некој каде сакаш да бидеш- повеќе немаш одговор?  Не стигнуваш ниту да се прашаш

Ги гледам твоите куфери зад вратата и нема да ми веруваш, знам дека сеуште собираш за карта, која ќе те одведе во твојот нов живот кој сигурна сум те чека зад аголот. Исто така знам дека не собираш пари, туку сила.

Се будиш наутро, трчаш на работа, сретнуваш луѓе кои да можеш да ги бираш, веројатно никогаш нема да ги избереш. Се чувствуваш ли некако празно, дури и луто? Гледаш ли во своето време, во своите денови над кои немаш никаква контрола? Ти ја краде ли, се’ околу тебе, вербата во животот. И ако те праша некој каде сакаш да бидеш- повеќе немаш одговор?  Не стигнуваш ниту да се прашаш.

Трчаш дома, те чекаат оние кои ги сакаш, но и нив ги пропушташ низ прсти, бидејќи не знаеш ниту сама како некој успеал да ти наметне уверување дека твоите обврски се поважни и од оние кои ги сакаш. Имаш желба да им посветиш време, а тие како наградата за твоите незавршени обврски, добиваат нервоза, после која ти е толку жал, што ги бришеш со ракав солзите кои исто така немаат време да се истркалаат низ образот до крај.

Неограничено ‘морање’ го изеде, уште еднаш твојот ден. Повторно не стигна да направиш нешто, што посакуваш и повторно не уживаш во оние кои ги имаш и сакаш. Повторно.

И пак утро. Со лоши остатоци од предходниот ден меѓу забите, ти повторно грабаш кон истото она кон кое грабаше вчера. Повеќе тажна, но со искра на верба, дека утрешниот ден сепак ќе биде поинаков, бидејќи во себе веруваш дека животот е многу подобар од овој.

Застани! Фати ја таа искра. Ја имаш. Тоа е твојот пламен. Тоа е твојата карта. Не ја гужвај во џебот.

За почеток, дај и’ рамноправно место меѓу сите оние работи кои не смееш да ги згужваш, а посакуваш. Не отфрлај се себеси заради мислата дека не си во прилика да отфрлиш тоа што мораш, па мислиш дека за тебе не преостанува многу место.

Не го игнорирај својот внатрешен глас кој веќе стана толку тивок што постои страв дека за некое време нема воопшто да се слушне. Дај му сила и негувај го. Научи го како да се носи со сите други гласови околу тебе што се сурови.  Научи го како се пее во еден тон, како да се сложат или да се спротистават на се’ она што другите гласови наредуваат. Бидејќи и тој тивок глас во тебе и таа згужвана карта, која ја носиш во џебот, посилни се и поголеми од галамџиите околу тебе.

Тие се тивка вистина, која со својата скромност докажуваат дека нема потреба oд урлање за да кажеш дека си во право. Тие се токму оние со кои секоја вечер легнуваш и ги затвораш очите.

Многу си поважна од она што мораш. Запомни, не те одредува она што мораш. Tе одредува она што посакуваш. Она што сакаш. Она кон кое се стремиш. Не заборавај како посакуваш. Не заборавај како да сакаш. Не заборавај, кон нешто да се стремиш.

И во ново утро, тргни со своја искра и научи како да го угаснеш звукот на секој галамџија кој ќе го сретнеш на патот.

Дај си сила да живееш. Дај си себеси право да постоиш.

by Рита

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading