За смртта никогаш не сме подготвени. Кога некој ќе добие дијагноза и тогаш некако се надеваме дека сепак постои ‘светло’ на крајот од тунелот. И кога нешто така ќе се случи, што ќе не’ потресе од корен, толку силно што едвај се држиме на нозе, многу работи ќе си ветиме себеси. Ќе ветиме дека ќе свртиме друг лист. Дека повеќе ќе сакаме..себеси и другите..
Ветуваме дека нема да се нервираме околу глупости, бидејќи животот е навистина непредвидлив и краток. Ветуваме и дека повеќе ќе се одмараме, радуваме, дружиме. Помалку ќе зборуваме за другите и повеќе ќе си ја гледаме ‘својата работа’.
И сите тие ветувања остануваат ‘во сила’ кај некој 3 дена, кај некој 7 или најмногу месец дена. Но, брзо забораваме на нив..забораваме што сме си ветиле себеси, некој ќе не’ изнервира или нема да оствариме се’ што сме замислиле. И така се вртиме во круг, повторно до тагата, која одново силно не’ изместува…И тогаш повторуваме повторно.
Можеби е време своите ветувања кон себе да ги одржиме без на нив да им дадеме рок на траење, како на производ кој го отвораме и можеме да го држиме во фрижидер максимум три дена од отворањето. Нашиот живот е во нашите раце.
Често покажуваме со прстот кон другите ако не ни оди како што сме замислиле. Но, треба да се биде искрен кон себе и тој прст да се сврти во вистинскиот смер..кон себе. Главниот и одговорен ‘уредник’ на програмот наречен живот.
Не чекајте нова трагедија, да ве потсети дека животот е навистина дар. Јас повеќе не чекам. Премногу е болката која доаѓа кога најмалку се надеваш, на тоа не можеме да влијаеме. На остатокот од животот можеме..и тоа повеќе отколку што сме подготвени и да си признаеме себеси.
Бидејќи е најтешко да се прифати одговорност..но и најслатко..бидејќи стануваме навистина слободни и среќни.
Саша Симовиќ
Leave a Reply