Да, се разведе. И? Не е тоа крај на светот…

– ‘Се разведов’ -со страв ми рече и со нешто потивок глас како да не сака никој да слушне.

– ‘Навистина не одеше’- уште потивко ми рече. Застанав за момент и почувствував длабоко разбирање и се загледав во нејзините очи свесна за измешаните емоции во неа. Ги познавав тие очи во многу поведар сјај. Почувствував за момент дека ја бара мојата подршка, иако е свесна за својата одлука.

– ‘И? Па не е крај на светот’- реков, потполно сигурна во тоа, сфаќајќи ја позицијата во која се наоѓа.

– ‘Познавајќи те, знам дека даде се’ од себе тоа да успее и да го одржиш семејството на едно место. Затоа не се обвинувај за својот ‘неуспех’. Знам дека сега не ти е лесно, но многу е потешко да се остане во нешто во кое си несреќен. Од ден на ден ќе биде се’ полесно и на крај се’ ќе се намести. Двајца несреќни луѓе не можат да создадат среќно и здраво опкружување ниту за себе, ниту за своите деца. На овој начин се ослободивте од тежината и одите секој по својот пат кон својата среќа’.

– ‘Да’- продолжи таа. Предолго траеше, многу се измачивме и се претвори во агонија за сите. Повеќе немаше смисла. Не се препознавав повеќе. Уморна, со сиво лице, безволна…Не можев повеќе да бидам најдобра мајка на своите деца како таква. И тоа повеќе ме мачеше, бидејќи само заради нив останувам во тоа’…- гласот и’ трепереше, а солзите веќе и’ беа во очите.

– ‘Знам. Се’ те разбирам. И верувај ми, времето ќе ги направи работите подобри. Кога секој за себе ќе го исполните својот живот, ќе бидете многу поквалитетни родители на своите деца. Најдобрата своја верзија ќе им ја дадеш. Вие престанавте да бидете брачни партнери, но, останувате родители. И без оглед на вообичаеното мислење, можете да бидете одличен пример на своите деца како да извлечете најдобро од се’. Единствено среќна и исполнета личност може да биде ист таков родител. Се’ друго е залажување’- реков со сигурност.

– ‘Да само да знаеш како се боревме бракот да опстане, дадовме се’ од себе најдобро што знаевме. Но, сеедно не успеавме. Иако ми е сега тешко и необично да бидам сама во сето ова, чувствувам дека конечно повторно почнувам да дишам со полни гради. Се препознавам и не бегам од својот одраз во огледало. Ова е големо враќање кон самата себе, а воедно и огромен чекор напред, го чувствувам тоа’- продолжи таа зборувајќи со сета душа и срце.

– ‘И тоа ти е најдобар знак дека си на правиот пат’- додадов јас.

– ‘Не ти треба подобар. Твоето длабоко чувство е едно мерило и водич. Никој друг не знае подобро што е за тебе најдобро. Пополека и само храбро напред. Се’ набргу ќе дојде на свое’- ја охрабрив пред крајот на разговорот.

-‘Знам дека е така, но и понатаму ми е непријатно кога некој нешто ќе ме праша за тоа’- несигурно додаде.

– ‘Уххх, па кој воопшто да има право да влегува во твојата приватност? И зошто мислиш дека мораш да одговориш?’ – излезе од мене одеднаш.

– ‘Запомни, оној кој нема свој живот, влегува во твојот. А ти мудро одлучувај со кој ќе го делиш. Многумина ќе ти завидуваат, бидејќи и сами се длабоко несреќни во своите врски и бракови, а немаат храброст ништо да променат. Затоа не им дозволувај на никој со погрешна намера да ти се меша во животот. А намерата секогаш можеш да ја почувствуваш. Сега, кога потресот ќе ти го измести животот, многу работи ќе се сменат. Од луѓе до околности. И ќе остане само она што вреди, затоа не се плаши. Имаш ти многу храброст’.

Почувствував како енергијата и’ се менува и станува почиста и полесна. Знаев дека ќе биде добро, без сомнеж. И се’ убаво ќе се нареди. Знаев дека таа може да носи со сите предизвици кои ги очекуваат. Како што можат и сите други кои вистински се обидуваат нешто да променат. И да не се согласува на трошки.

Ива Брадариќ

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: