Зошто за секој човек очекуваме да биде она што нас ни треба? Зошто бараме да имаат наш поглед на живот? Наш агол на гледање и наши наочари? Зошто имаме постојана потреба, очајнички да посакуваме другите да ги прилагодуваме на себе? Зошто постојано гледаме во она што тие се и според нашата проценка какви се, а тоа нас ни смета? Зошто упорно мислиме дека тие треба да знаат што ние мислиме и што ни смета? Зошто пречесто туѓиот поинаков ‘агол’ го тумачиме како провокација и напад на себе, наместо да го видиме онака како што навистина е?
Различност. Она што нас ни смета, нив не им смета. Она што за нас е најнормално, нив не им е ни во резервниот попис. И не, во никој случај не провоцираат. Не не’ напаѓаат ниту не’ игнорираат. Едноставно гледиштата не ни се исти. И тоа е се’. Не се занимава никој со нас колку што ние мислиме.
Не сме никому толку важни, за тој да тера инает со нас. Не сме толку важни. На никој освен себеси. Зошто и ние и тие и вакви и такви, очајнички сакаме да бидеме фрустрирани со се’ она што другите не се, а ние сакаме да се. Зошто себеси тоа си го правиме? Зошто секоја збор го анализираме, ако нас не ни одговара? Зошто? Толку ли сакаме да се мачиме себеси? Сакаме да ни е потешко од она што е?
Дали некогаш до крај ќе бидам по твоја мерка колку и да посакуваш да ме смениш, дури и сите напори ако ги вложиш во тоа? Нема. Секако дека не. Колку и да се договораме, прилагодуваме.
Колку и јас и ти ќе се промениме? Нема. Ниту можам. Ниту треба. Никогаш нема да биде она што ти посакуваш, ниту ќе бидеш она што јас сакам. И со прилагодувањата градиме нови скалила до никаде. По еден проблем, отвораме уште три други, кои некој треба да ги нареди за да ни биде се’ ок.
И тоа оди. Во недоглед. Во двајца бескрајно фрустрирани, додека некој не почне да игнорира се’ што му смета, прифаќајќи се’ како што е. Додека некој не дојде до она елементарното: Што можеш прифати, што не можеш игнорирај.
Значи фокусот да се стави на предности, никогаш на мани. И се’ е многу полесно. Секој колку што може. Разбери, почитувај и дај колку што можеш, бидејќи не можеш колку нив им треба. И тоа е тоа. Тоа е клуч на битисувањето. Заштитете се себеси и другите. Тоа е клуч за квалитетни односи. Службени, пријателски, семејни. Да не се јадеме. Да се почитуваме такви какви што сме.
Со некои ќе имаме подлабоки, со некои површни односи. Некои ќе ги гледаме често, некои ретко. Некои воопшто. И тоа е многу подобро отколку да ги гледаме само за да им ги броиме маните и недостатоците. Сите ние имаме доволно свои и треба да се занимаваме со нив. На крајот само себеси можеме да се менуваме. И тоа е промена на која токму секогаш треба да работиме.
На себе. Толеранција. Разбирање. Љубов. Почитување.
Тука секогаш има работа. Многу полесно се дише, се буди и спие. Многу полесно се поднесува животот од кога ќе ги прифатиш луѓето такви какви што се. Ако ти е премногу, тргај се.
Нема очекувања, нема разочарувања, за се’ што ќе добиете од луѓето, бидете среќни. Среќни вие и среќни тие, бидејќи не ги прогонуваме со тоа дека треба на било кој начин да се прилагодат на нас или нешто да менуваат поради нас.
Научете дека нив не можете да ги менувате, но вашиот став можете. И тоа е највредната лекција во животот и штедење на нервите и здравјето.
by Рита
Leave a Reply