Љубов или илузија? Понекогаш да се замине е единствен начин да го пронајдеме одговорот

Некои луѓе премногу се преправаат дека никој не им треба. Го кријат своето срце позади милион изговори и уште многу стравови. Бираат зборови. Размислуваат како да ја накриват главата додека ја изговараат својата лага. Ја прилагодуваат бојата на гласот, вежбаат како да те гледаат во очи додека те лажат дека не те сакаат и дека не им требаш. И тогаш ќе се свртат ладно и ќе заминат… Ќе исчезнат. На неколку месеци или година. Ќе се изгубат во пространството на животот и сопствените заблуди…А ти…ти ги пушташ. Ако си како јас.

Одамна научив дека постојат моменти кога силата ќе не’ натера да го смириме срцето и да ги проголтаме емоциите. А потоа да ги потиснеме толку длабоко за да ни се пристори како повеќе ги нема. Но, тогаш ќе се случат осамени зимски вечери, кога не можеме да побегнеме сами од себе и кога сета силина на потиснатото ќе не’ стигне и ќе не’ угуши. Во некој момент ќе ги видиме своите раце, стиснати преку сопствените усни, додека се обидуваме да ги намалиме криците и плачењето, но не оди, солзите течат во потоци, рамењата треперат, срцето лудува во градите. Потиснатото не исчезнува, само го чека моментот..

Го чека моментот кога ќе истрча пред нас и ќе не’ фати неприготвени, кога ќе ни го плесне во лицето, се’ она што сами од себе го скривме и кога ќе ни ја плесне глупоста наречена- живот без емоции.

Многу од нас веруваат дека тоа е идеално решение, да се угаси секое чувство и да се чекори по работ. Тврдат како е лесно да се балансира кога умот царува, суров, ладен и пресметлив, па во секој момент знаеме што да направиме и да кажеме. Но, колку и да се трудиме, ма колку и да го гасиме срцето, во некој момент коцките на животот така ќе се наместат, што не може да се бега од желбата и страста.

Во некој момент стравовите се претвораат во ситуации кога ќе видиме како важните луѓе заминуваат, бидејќи се уморија од обидите да допрат до нас. Ја оголиле душата, се дале себеси. Не’ чекаа нас, трпеливо. Ни ги простуваа непромислените зборови. Ги гледале без осуда сите наши заблуди и изговори од шупливо во празно. Бделее над нашите соништа, не’ гушкале во нашите неволји, трпеливо, молчеливо, без драми и приговори, верувајќи во будењето на она најдоброто во нас- способноста да чувствуваме.

А тогаш еден ден се уморија, не’ бакнаа во образ и заминаа. Многу често слушам како не е секогаш лесно правилно да се постапи. Но, тоа е таква лага. Да се постапи правилно е лесно, не е лесно само да се носи со последиците на тој избор. Затоа луѓето бираат да балансираат помеѓу она што сакаат и она што треба да се направи и се чудат кога ќе ги поздравиш и заминеш?

Те сакам може да се каже со гушкања, бакнежи, поддршка, а не само да се испишат во некоја порака и да се прошепоти повремено на уво. Те сакам треба да се искаже со секојдневено бирање да се биде во нечиј свет. Те сакам се кажува, пред да те задуши и стане нем крик, во моментот кога ќе сфатиш дека оној кого го сакаш те напушта. Овој пат засекогаш.

Се бирам себеси. Бирам да кажам на глас што чувствувам и не сакам да се повлекувам пред силината на тие емоции. Се бирам себеси и кога ќе одлучам дека бев доволно трпелива со несигурни деца кои глумат мажи. Се бирам себеси и се грижам за себе, бидејќи да се остане во нешто што е толку несигурно и непредвидливо ќе значи дека не се сакам.

Те сакам. Тоа го реков на толку начини, од ден на ден. Со трпение, посветеност, присутност. Слушав. Се тешев. Советував. Разбирав. Но, тогаш стигна моментот за поздрав. Беше ненадеен и незабележителен. Поминав низ него, како сенка помеѓу оголени стебла. Не се жалев и не се расплакав. Чувствителност и нежност на девојче кое сакаше, ја замени со одлучност и сила на жена која бурното небо, го менува за сончево пристаниште, каде ќе ужива во мирно изгрејсонце.

Затоа разбирам. И оние кои глумат дека не сакаат, те лажат дека чувствата исчезнуваат, додека во нивните очи го гледаш сето она што во градите им вреска и се’ што потиснуваат. Затоа ги пуштам. Затоа не ги осудувам оние кои не се доволно храбри да го пресечат стравот кој ги кочи и кој им забранува да кажат – те сакам. И оние кои ќе се уморат од чекање. Оние кои си одат. Посебно тие. Бидејќи не се согласуваат на малку, на половина, на ронки, на многу приказни, малку дела и едно големо, во целофан спаковано Ништо. Тие знаат дека љубовта е награда за храбрите.

by Mary

Leave a Reply

Up ↑

%d bloggers like this: