“ Бидејќи заповедите: не прави прељуба, не убиј, не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо!, и секоја друга заповед се содржат во овие зборови: Љуби го ближниот како самиот себеси! “ (Римјани 13, 9)
Ако за многу случувања во животот умешно сме подготвени да ги ескивираме со друга или трета алтернатива, во љубовта нема симулација, актерство или драфт верзија. Таа си е посебен прототип, образец по кој нема да се направат сите наредни, едноставно поради нејзината првосоздаденост, оригиналност, уникатност кои не дозволуваат да се копира во фалшива имитација. Опеана во сите сфери, устоличена во срцата на романтичарите и мечтателите, й преостанува да се гнезди и го одржува духот на пристојно ниво отпорно на отровните стрели на злото. Ах, тоа е љубовта за оние кои ја имаат или препоставуваат колку е слатка.
“Не прави прељуба” е заповедта за која сте слушнале и која се изедначува со мрачното прикривање на половите акти извршени со забранети личности од аспект прво на моралните закони и достоинството на заветот, и второ на институционалната поставеност на бракот. И тоа важи не само на веќе извршени сексуални чинови, туку и за мисла прелетана и втемелена во визија дека тоа се прави. Секако, ништо од тоа не би било кога го љубиме својот ближен како себе. Ниту ќе ја изневериме озаконетата личност која ја љубиме како себе, бидејќи себе не сакаме да се најдеме во таква рогоносна положба. Ниту пак ќе ја уловиме похотната личност која ја љубиме како себе, бидејќи себе не би сакале да се најдеме во казанот насреде пеколот.
”Не убиј” е најстрашната од сите заповеди и ја опфаќа не само физичката егзекуција на едно тело, туку и умртвувањето на душата извршено со многу болка, повеќе од што може да издржи кутрата. Секако, ништо од тоа не би било кога го љубиме својот ближен како себе. Ниту ќе убиеме нечие тело бидејќи би го убиле сопственото, она кое го љубиме до висините и ја знаеме неговата крајна судбина под земјата. Ниту пак би убиле нечија душа, онаа која ја познаваме и жалиме како и нашата слушајќи го нејзиниот крик за бекство од стегата.
”Не кради, не сведочи лажно, не барај туѓо” се заповеди против одземањето, лагата, зависта кои треба да го овозможат сопствениот комодитет на сметка на друг. Секако, ништо од тоа не би било кога го љубиме својот ближен како себе. Би краделе ли од себеси кога сме свесни за нашата желба за утопискиот дизајн за еднаквата и разумна поделба и потрошувачка. Би се лажеле ли себеси кога и онака ја знаеме непроменливата вистина за нашите гревови кои го попречуваат како планина видикот кон прекрасните пејсажи. Би си завидувале ли себеси кога и впрочем нема нешто толку вредно во нашите срца за да би го посакувале толку многу до зариени заби во крвави усни.
Скоро сите заповеди се содржат во овие зборови: љуби го ближниот како самиот себеси. Многу е едноставно и лесно, сите се љубиме самите себеси до бескрај. Си го негуваме телото да не биде уморно, да биде облечено во кралски манири, најадено како на најбогата свадба, вжештено со континуирани похотни задоволства. Си ја разгалуваме душата како штотуку потпркнато новороденче, ги очекуваме најголемите признанија, ги посакуваме местата до престолите, не ги примаме страданијата, не им обрнуваме внимание на искушенијата. Зошто тогаш нѐ би го љубеле и ближниот така како нас? Препоставувам ни пречи нашиот егоизам, непремостливиот премин до Небото, карактерна особина која ја посакува среќата само за себе бидејќи е убедена дека поделена е сосема малку.
СП Апостол
Leave a Reply