И како можеш да простиш, а потоа да му веруваш на тој човек? Како можеш да го гледаш со исти очи, знаејќи дека одбра, ама тоа не си ти. Како можеш тоа да му го направиш на своето срце, умот, достоинството? Како дозволуваш да те згази, па потоа се’ отпочеток?
Уште потажни се приказните во кои и мажите и жените се обидуваат да го вратат ‘своето’ и да зборуваат како ќе го спасат од ‘оној’ кој злобно им го украде. Внимавај, да го спасат…
Човечкиот ум е фасцинантно скроен од мајката природа и неуронската мрежа која создава слики на илузии во кои веруваме, а за мене се неразбрана мистерија.
Лично, никого не изневерував и не бев изневерена колку што знам, но ми се случија две ситуации во кои мажите ми рекоа дека не сум им прв избор. Или дека не се сигурни во своите емоции, не знаат, не им е време, ги немаат тие емоции засега.. имаше многу комбинации од тие зборови. Ме повредија. Во тој момент се изгуби желбата во моите очи. Не беа повеќе посебни.
И на едниот и на другиот им кажав што сакам. Тие не можеа, ниту знаеја, ниту имаа желба тоа да ми го дадат. Сакаа пријателство. И двајцата добија ист третман, мое оддалечување и став -‘ако сме пријатели, пријатели сме и денес и утре и за шест месеци и за десет години. Не можеш да дојдеш за половина година или три години со друга приказна. И тоа е мојот став.
Бидејќи јас не сум опција, јас сум единствен избор, а ако тој некој маж има потреба да бира и комбинира, тогаш веќе ме изгуби. Во моментот кога почнува во главата да го врти тој својот филм- што би било кога би било, јас веќе заминувам, иако тој за тоа не е свесен.
И секогаш ќе го повторам истото – ‘Те молам, направи ми услуга и слободно одбери ја неа. И ти благодарам што ми покажа дека не си човек за мене. Ти благодарам за услугата.’ Тоа покажува дека човекот не знае со тебе, не знае што сака и не сака да дели ништо со тебе.
Тоа ни се случило на сите, без оглед дали сме одбрале да бидеме сеуште во контакт со нив или не. Поентата е дека ни покажаа дека не им сме важни, ниту посебни, па зошто тогаш тие нас да ни бидат? Зошто тогаш да им даваме прилика така да постапуваат? И повторно да не’ навредат.
Првиот пат можеби не можевме да предвидиме што ќе се случи, туку одлучивме дали се согласуваме да бидеме нечија играчка или не? Но, секој следен пат, страдањето и понижувањето ќе биде наш избор, а ќе им дадеме благослов повторно така да се однесуваат, да си одат без да се грижат за нашите чувства и да бираат некој подобар.
Не благодарам.
Ако одбераш друга личност и одиш со неа, тука не се враќаш, тука никој не те чека.
Исто, дури и полошо е ако некој е со тебе, но со умот и духот е секогаш покрај некоја друга личност. Те сака тебе, а всушност ја сака неа. Гледа во тебе, но не те гледа. Слуша но не те разбира што зборуваш. И оди кај неа, а за тебе смислува изговори за да побегне од тебе.
Па нека оди и нека живее друг живот. Нека има тоа што сака, но нека има само тоа. Нека гради таму живот за себе.
А љубов?- некој наивно ќе каж.е
Нема тука љубов. Ниту те сака оној кој те изневерува или си му трета, четврта опција, ниту ти себеси се сакаш ако тоа створење го примаш назад.
Можеби е сурово, но јас сум само искрена, во светот во кој сите сакаат да ја слушнат вистината, но, само ако не боли.
Марија К
Leave a Reply