Да одиме чесно и непохотливо како дење, облечени само во Господа

“ Да одиме чесно како дење – не во срамни гоштавки и пијанство, не во блуд и нечистотија, ниту пак, во препирка и завист; туку облечете се во Господа нашиот Исуса Христа, и грижата за телото не претворувајте ја во похоти. “ (Римјани 13, 13-14)

Да имав барем една кошула, бела и неизвалкана, ќе ја носев секогаш непроменета и во секоја пригода, да изгледам не чисто и убаво, туку повеќе ангелски со шмек на штотуку формиран облак во кулминација со својата сјајна набрана воздушност која потсетува на брашнена душичка. Наменската функција да скрие една голотија нема да го обремени мојот восхит кон неа да остане беспрекорно чист со единствената причина за радост која ја овозможува нејзината удобност и леснина како прекривка, како нешто кое отповеќе се дарува себеси во име на невиноста. Ќе парадирав со неа по улиците чесно како дење, со еднакво задоволство за сопствената чистотија и чувството за победа која немаше еуфорично да ја воспевам поради нејзината карактеристичност да се посакува заради славата на крајот, туку поради совладаните искушенија кои долго ме истоштуваа. И ќе бев облечен како наследниците на рајот кои отпоздравуваат со палмини гранчиња и без да го толкувам знаковниот јазик ќе бидам убеден дека нивните лица кажуваат многу радост.

Но, овде во мене сеуште е ноќе и така во помрачина сум тргнал по непознати патишта кои не нудат некоја од судбините за кои сум се молел. Едни ме водат во срамни гоштавки и пијанство во кои се хранам и појам со сопствената среќа,  ја трошам необновливо во материите кои апсурдно ги исфрлам како негодно, а за возврат добивам привремени задоволства со потпросечен вкус. Но, не им се спротиставувам, пак им се навраќам во нивните калливи пространства и им дозволувам да ме водат до веќе познати гревови, како да нешто ќе биде променето или поблагородно за една изгубена душа. На крајот измамен со проширен желудник и матен поглед ќе заостанувам дури и зад анималите во хиерархијата на синџирот кои по инстикт научиле да престанат.

Други ме водат во блуд и нечистотија и не се загрижени за бојата и мирисот на мојата постела кои ќе бидат помалку вредни од кожурецот на гасеницата која тукушто станала пеперутка. Ноќ е, а во мракот секое туѓо тело се доживува еднакво без оглед на пропорциите и совршеноста, и толку ништожно како обид за парење без минималната љубов тоа да се стори на вистинскиот начин. Испразнет од сите пори кои содржат течности, крајот не може да биде ништо друго освен дехидрација на мозочната мембрана и зголемена температура на центарот за фатаморгана.

Третите се наменети за клетниците полни со препирки и завист кои на драго срце ме привлекуваат во нивната бранша само и само да се повеќе за да пообемно тргуваат со својот гнев. Таму нема место за мојот спокој кој венее во темната половина, што понекогаш ја чувствувам како стотина, и е потиснат од бранот на бесовите на демонот задолжен за одбрана на мојата правда во спорот против целиот свет. Тој ме поткрепува, а јас врескам колку што ме држи гласот застапувајќи се за своето кое ниту сум го заработил, ниту пак ќе го задржам.

Иако овде во мене сеуште е ноќе и така во помрачина сум тргнал некаде, сепак има надеж и за моите чекори. Треба само да се облечам во кошула бела и неизвалкана, во одората на Исуса Христа, нашиот Господ. Во неа сум безбеден додека не й се изгубам на светлината во некоја сенка или ме поклопи квечерината жедна за патниците во карантин. Но, и тогаш пак ќе го чекам Пастирот кој ги оставил деведесет и деветте овци само да ја пронајде загубената една, …мене.

СП Апостол

Leave a Reply

Up ↑

Discover more from О3 Зона

Subscribe now to keep reading and get access to the full archive.

Continue reading