Додека стојам, држејќи се самата себе за рака, треперејќи од нелагода, изедена од емоции на познати и непознати, раскината од страшни волкови, скршена на илјада делчиња…
Размислувам зошто не плачам, зошто не врескам кога ми треба, кога имам потреба од солзи, бидејќи се лек за душата, ја чистат..но не. Мислам како најсилно да се гушнам себе и како да си шепотам: ‘ Го можеш ти тоа’! ‘Секогаш можеше!’
Тоа е посилно од мојата потреба да плачам, а можев и така…Се составив и се кренав, но пукнатинки останаа. Мои пукнатинки, потсетник на секој пад.
Често јас ‘одам’ по еден пат, додека по друг чекорам… и тогаш застанувам, не знам кој е вистинскиот, се вртам во круг и повторно ќе направам НИШТО.. Мисли, мисли, а тие просто ќе се замрзнат, ги терам да се раздвижат, врескам на нив со тивок глас, но понекогаш ништо не е доволно, а некогаш е и малку премногу.
Губејќи го почитувањето кон себе, се изгубив себе, преплашено гледам во ѕверот пред мене, не бегам, а каде да одам, по кој пат?
Тие ѕверови пред мене се само Страв, страв од самата себе, бидејќи како да си заминеш од себе и повторно да се вратиш цела, кога скроена од пукнатинки, нишки, а конецот е многу тенок.
Ја истражив својата пукнатинка во мене, го допрев секој дел од душата и знам дека да се осознаеш себе е најстрашна вистина а воедно и најголема радост, бидејќи ослободувајќи се себе од себе, излегувајќи од мракот, тој мртов агол, добив чувство на олеснување.
Се’ има своја смисла. Секое вдишување и издишување, секој момент од еден ден е смислен. Денот е едно патување до ноќта, долго патување и треба да се научи да им се угодува на тие патишта.
Тоа и е живот, зарем не? Целината со пукнатинки. Секоја пукнатинка е моја, твоја, наша…Таа е нов почеток на крајот, таа не боли.
Пукнатините се преболени, но без нив нема да има приказни, кои треба да се прераскажат.
Нека има пукнатинки…
Даци
Leave a Reply