“ Оти царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух. “ (Римјани 14, 17)
Изгладнетоста на современието, оправдано за гладните за леб и оние за дух, и сосема беспричински за оние кои никогаш и со ништо не се наситиле, доведува до низа нелагодности за човечкиот род да биде во континуирана потрага по нешто подобро од она што го поседува. Тоа за природно гладните покрај лебот би било и сирење претпоставувам, за душогладните би било секогаш повисоко ниво на самопокајание и Богопознание, додека пак за неприродно ненаситните би било се што сјае со лажна слава и може да се конвертира во навидум неопходните потреби. Континуирана потрага значи целодневна посветеност, вечна инспирираност од она што сѐ посакува, крволочност во напорите да се дојде до и задржи тоа, или поедноставно доловено еден цел живот во грч и ползување здив помеѓу два спазма колку да се поужива во тоа. За жал, царството Божјо не е јадење или пиење и само една група ќе го сфатат тоа како што беше речено, со свесност дека може лесно и да го загубат компасот во текот на предизвиците на потрагата. На крајот на денот не е толку важно мудрото спознание кое се јавува во форма на смисла на едно постоење, иако многумина го посакуваат и цел живот го посветиле во очекување на таа еурека, туку бесценето би било доколку тоа би се искористило како мапа водилка до наградата кое тоа ја ветува на самиот праг на завршената мисија.
Царството Божјо е правда. Секако, многу тешко е тоа да им се објасне на гладните за леб кои преживуваат со трошки и на сиромашните кои поседуваат половни автомобили и живеат во куќи со мувла по ѕидовите. И јас би ја барал правдата со која ќе се трансферираат погачи на едните, и луксузни автомобили од прва класа и хациенди на вторите. Така правдата ќе биде исполнета и незадоволството во човечкиот род ќе се сведе на минимум, обратно од процентот на стапката на среќа. Но, тука се случуваат две работи, првата: ниту едните, ниту другите ќе ја згаснат својата жед, бидејќи многу посладок од погачата ќе биде кавијарот, побрз од автомобилот ќе биде авионот и пораскошно од хациенда ќе биде замок; и втората: правдата не може да биде исполнета во свет кој го водат и контролираат човечки суштества, кои сега мутираат само во суштества.
Царството Божјо е мир. Секако, и тоа е многу тешко да им се објасне на погореспоменатите. И јас би го барал мирот со кој се стишува виењето на празните црева или зависта во очите додека со нив се проследува богатството на ближниот. Но, тој мир не е вистински поради краткото времетраење и својството за момент да вивне, да го калибрира балансот во сопствената душа, за набрзо потоа со епицентрален потрес да врати се во стариот неспокој. И уште полошо, во статус безнадежност.
Царството Божјо е радост. Каква е таа радост без преполни трпези, алкохолизирана веселба, блуд без граници, заситени зеници кои во својата маленкост ја кријат земјината топка, испукани дланки со засирени нокти кои гребеле по уште повеќе, срца кои забораваат да чукаат до резултатот на добиените зделки… Никаква, бидејќи и не може да ја доживее својата суштина во свет во кој насмевката има златни заби.
Царството Божјо е правда и мир и радост во Светиот Дух. Правда како да се добие заслуженото, но и малку повеќе поради милоста Негова. Мир како тишина безвременска во која удираат брановите на цунами предизвикано од нотите на звукот на харфа кои со себе носат леснина со пораки од Него. И радост како детска смеа, бескрајни воскликнувања за се околу себе во новото место за новиот живот обезбедени со ветувањата од Него. И тоа сето исклучиво само во Светиот Дух.
Leave a Reply