“ Ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите, и да не угодуваме на себеси. “ (Римјани 15, 1)
Ние силните изградени од бетон и зацврстени со челик, натопени не со солзи туку неразорна киселина, обвиени со непробојна тврдина во која тешко некој влегува и потешко нешто излегува, веруваме во ставот дека нашата нога предизвикува заглушувачки вибрации каде ќе стапне и прегази. Ние силните не знаеме за отстапување, постапување, исцрпување, закрпување, заслепување, бидејќи во нашиот толковник малку поинаку е дефинирана сета беда на нашето однесување. И, ние силните не прашуваме, не одговараме, не сожалуваме, не разговараме, не преговараме, барем не според нашиот правилник кој е војнички прецизен за распоредот на покажување на чувства.
Ние слабите изградени од крв и стакло, натопени од дожд и бура, обвиени со плашт од виножито кое привремено ја покрива нашата голотија, не отстапуваме од ставот дека нашата рака може само да помилува и не разранува. Ние слабите не знаеме за победа, престол, силикони, наследство, богови, масони, бидејќи во нашиот соновник нема место за даровите без жртва. И, ние слабите не плачеме, не страдаме, не гориме, не бараме, не просиме, барем не за погрешни идеали.
Ние силните не се плашиме од темнината и нејзините копилиња настроени да ни ја уништат пробразбата во уште посилни, и реформата во други луѓе кои старата облека ја распостелуваат на крстот и се облекуваат во нова, неосквернета. Чекориме незапирливо по трасираниот пат не обрнувајќи внимание на боцкавите трња и свијоците кои често прават напори да не измамат кон бездната. Повикувани сме и се одзиваме на секој трубен звук на ангелите, кој можеби и не се однесува на нашата маленкост, но сепак ни звучи привлечно и на крајот на краиштата со копнеж целовремено го очекуваме. Го носиме бремето како пердув кој привремено нѐ скокотка и несериозно сѐ заканува несвесен за нашата награда во вечноста која ќе го избрише.
Ние слабите се плашиме и од сопствената сенка на која не ѝ веруваме дека можеби ќе се обиде да не повлече со својата похотлива нарав. Се задолжуваме кај лукавиот со надеж дека со секој нареден ќе го вратиме претходниот долг и ќе почнеме со своето. Секако тоа никогаш не завршува, освен кога зовриените казани не го кажат тоа, задоволно клокотејќи не во нивните прегратки. Го очекуваме секое наредно утро за да ја спроведеме вечерната молитва, но денот не наоѓа неподготвени да го жртвуваме и најпорозното влакно од косата. Се каеме во секој ќош од нашето сеќавање и си ветуваме и себеси и на Таткото дека ниту дремка нема да не фати во канџите на гревот.
Кога сме силни, слаби сме веројатно поради гордоста која ни наметнала сигурност во сопствената моќ, неподдржана од Божјата помош, и небудност која ќе не чини пораз во борбата против страстите. Кога сме слаби, силни сме веројатно поради погледите кон Небото кои молежливо посакуваат не да биде нашата волја, туку Неговата. И затоа ние силните должни сме да ги поднесуваме немоштите на слабите. Да го завртиме другиот образ кога сатаната ги затрул нивните извори и тие се однесуваат пакосно. Да ги бараме со фенер во темнината додека изгубени талкаат помеѓу своите нерасчистени чувства и немоќ. Да бидеме нивно рамо и скут, шамивче и перница, слушател и советник, јагне и огледало. И најважно додека го правиме сето тоа да не угодуваме на себеси као лихварот кој сака да извлече корист бидејќи ќе завршиме во местото за плач и крцкање со заби, каде и силните набрзо стануваат немошни.
Leave a Reply