Од машки агол: Не постои жена која не може да се освои, туку неоткриена техника на освојување

Колку сте подготвени да се отворите кон другите луѓе, да бидете искрени и ранливи? Емотивни? Дали воопшто или сте како многу луѓе денес, склони кон манипулација? Со проверени методи на однесување за кои знаете дека ќе резултира со некој исход или со одредено однесување кај другите луѓе? Посебно кон луѓето кои ви се допаѓаат? Колку далеку сте подготвени да одите?

Некои луѓе, многу далеку. Предалеку. Многу пати се уверив дека луѓето побргу ќе одберат манипулација , отколку емоција. Некои ‘стручњаци’ ќе ви сугерираат ‘одредени’ техники како да го привлечете спротивниот пол.

Ретко кој ќе ви сугерира искреност, лишено од драма и калкулација во која на некој ќе му кажете како се чувствувате и мирно ќе го прифатите одговорот од другата страна, каков и да биде. Ретки ќе ви сугерираат да бидете човек, зрел и емотивен, реален и пријателски настроен, бидејќи денес најдобро се тргува со уверување на луѓето дека за нив е најисплатливо да не се покаже човечност и емотивност, бидејќи тоа ги прави ранливи.

Но, да бидеме реални, сите сме ние ранливи. Од крв и месо сме. Затоа тоа е лоша идеја- кога влучувањето на емоциите и пристапувањето на односите како кон некој проект, во која другата страна е пион во нашата игра, ќе стане опасна. За нас најмногу, бидејќи не претвора во нешто што не сме и не’ води во спротивен смер од среќата. А среќни сакаме да бидеме.

‘Не постои неосвоива жена, постои само неоткриена техника на освојување на која жената ќе ‘падне’ – неодамна ми рече еден познат ‘Дон Жуан’. На тоа си поставив прашање за моралноста на таквиот чин, за тоа дали постојат граници преку кои не се оди, како на пример нејзиниот среќен брак и очигледната незаинтересираност на жената?

На тоа ладно ми одговори не, цитирам: ‘Тој брак е нејзин проблем, не негов’. Додека така го слушав без зборови, тој продолжи да објаснува како заинтересираниот маж препреките не го интересираат, а бракот за него е само тоа- ‘препрека’.

Исто така ме убедуваше дека бракот како институција е преценета, тоа ионака е пред умирање, а уживањето во моментот е само важно. Тој вели, се живее за моментот и се ужива додека е добро, кога ќе престане да биде пријатно- се заминува.

Го прашав дали верува во љубов и дали некогаш бил вљубен, на што ми одговори дека се вљубува секој ден и ја почитува љубовта, иако ја гледа многу ретко. Го прашав што мисли зошто е тоа така, па ми сугерираше дека човекот како суштество не е природно моногамно и дека е нереално што сами од себе очекуваме да бидеме верни на една личност до крајот на животот.

А пријателство меѓу маж и жена, го прашувам. Тој ми рече дека постои, дека сексот меѓу нив двајцата не е нужно лоша работа, ако се доволно зрели да знаат да се носат со тој однос, што е многу ретко.

Преку сите овие негови идеи и ставови се провлекува идејата за живот во моментот, љубов додека е добро и додека те прави среќен, без никакво врзување. Таа среќа, прикажана на така банален начин мене не може да ме направи среќна од причина што нема да бидам горда на себе ниту задоволна сама со себе, ако му приоѓам на луѓето како на пиони, чии емоции, желби, ставови и животни избори не се важни, туку ете само ‘препреки’.

Можеби е ‘Тој’ радикален пример, но дали и другите луѓе во суштина живеат така? Со некој се додека им е убаво, а кога ќе се случи проблем на кој треба да се работи, бегаат.

Можам дури и да бидам сурова па да речам дека во моите очи тие ‘големи освојувачи’ всушност се незрели дечки, не подготвени да се носат со односите, со обврските, со ризиците кое носи отворањето на душата.

Надворешно се совршени. А одвнатре? Тоа е со голем знак на прашалник. Во моите очи се многу слаби. Ниту малку мажествени, ниту малку привлечни. Но, ова не се однесува само на мажите заводници. Оди и во двата смера.

Идеологијата – ‘за мене е најважно јас да бидам среќен, за другите ич не ми е гајле’ создаде една генерација на луѓе кои не знаат воопшто да функционираат меѓу вистинските луѓе, па поголемиот дел од односите кои ги имаат се од виртуелен карактер. Живееме во време кога со еден клик сме оддалечени од решение за било кој проблем и ситуација, кога ни се достапни многу советници и методи на личен развој, а ние сме се’ понесреќни, се’ поотуѓени, вештачки..Сами.

Верувам во слободата на изборот, но не верувам во користењето на другите луѓе. Во калкулација и манипулација, бидејќи сметам дека долгорочно не’ водат во погрешен смер. Во круг каде не сме задоволни само со себе.

Верувам во ризик и емоции, бидејќи да се рескира и да се каже на некој како се чувствуваш или не се чувствуваш, значи да бидеш добро. Значи да се прифати дека другата страна тоа можеби не го дели со вас, но тоа значи и слобода да одиме во некој друг смер.

Не вервуам во патологијата да се освојува некој кој не сака. Не верувам во разни ‘техники’ и не верувам во ‘важно мене да ми е добро’, бидејќи во некој момент неминовно мора да се сруши и некој мора да биде повреден. Најчесто оној кој во односот влегол со срце.

Марија К.

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: