“ Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, сите вие да зборувате едно и исто, и помеѓу вас да нема делење, туку да бидете соединети во еден дух и во една мисла. “ (1 Коринтјани 1, 10)
Индивидуализацијата како процес кон кој се стремиме нѐ отуѓува од заедничкото само со цел нашиот идентитет да го потцрта со дебела црвена, непремостлива линија прагот преку кој лесно не се преминува. Тоа ќе значи дека никој со свои убедувања нема да смее да влезе во територијата која прагот ја ограничува и штити, секако демократски ќе може да ги образложи, но не и наметне бидејќи нема да биде совесно ислушан и испратен без иронична насмевка. А таму, позади црвената линија, нашите ставови ќе си останат непопустливи, длабоко вкоренети во себељубието кое е себично, спакувани во суетата која ги брани и храни, демонстрирани со моќта на беседништвото да се издигне сопственото јас највисоко во егоцентризмот на човештвото. Навистина жално.
Браќа, ве молам, сите вие да зборувате едно и исто. Небото е сино, дождот врнежлив, сонцето сјајно, виножитото заљубено. Тоа се факти, да ги гледаме исто иако очите, поврзани со мозокот кој најчесто согласно бојата на срцето го интерпретира она што го посакува или крие од другите кои не смеат да ја дознаат тајната која искушува. Да зборуваме едно кое е истовремено и жртва и милост и сострадание и ризик и љубов. Секако, не е многу профитабилно за сопствените сметки, но е многу олеснувачки за сопствената душа која ја прави диетално нискокалорична и подготвена да се упати кон родното место во висините. Да зборуваме едно па исто, не за парите и печалбата, не за модата и анорексијата, не за луксузот и умоболноста, и не само за тебе и за мене.
Браќа, ве молам, помеѓу вас да нема делење. Живот во трла по национални одлики, по партиска гарнитура, по родова нееднаквост, по социјални трансверзали, по држави, по градови, по села, по улици, по камчиња. Секој некаде припаѓа, секој бара место глава да наслони, да го прифатат, зачленат, групираат, обележат, признаат. Колку е убаво кога си независен пратеник на светот, и тоа не на овој привремениот. Немаш легитимација со припадност и можеш да испратиш порака до секоја дестинација, да примиш повик од секое срце, да преспиеш во секоја заедница, да поплачеш со некоја организација, да војуваш со институција на злото, да се смируваш во здружение на покајници. Можеш се бидејќи си ист како што беше Адам, и сите после него, иако сѐ повеќе распадливи.
Браќа, ве молам, бидете соединети во еден дух. Духот не е тело за да се соединиме во прегратка, во блуд и пот, во непристојни јазли и животински инстинкти. Духот е меѓусебно општење без слики во почетокот, опипливо како слух на милиони славеи кои пејат ниту еден како останатите, миризливо како вечна пролет окупирана од најароматичните цвеќиња со четири и повеќе лисја, урнебесно како радост, среќа и еуфорија сите едновремено, и сцени дури на крајот кои стануваат видливи со голо око само за избраните на кои им е дозволен Рајот.
Браќа, ве молам, бидете соединети во една мисла. Мислата не е дух за да го исполне празниот дел во нас кој секогаш недостасува. Таа е поента која нѐ води низ струјата, соговорник кој најмногу го познава нашиот интерен строеж, директен пријател на лукавиот кога му дозволува да влезе во нашиот двор и најсуров гардист кој го спречува да наѕре низ некогаш подотворените двери. Да имаме само една која ќе се граничи со желбата да го положиме животот за својот ближен, кој е секого.
Браќа, ве молам, во името на нашиот Господ Исус Христос, бидете едно. Како даб, како амеба, како јајце, како песок, како океан. И повеќе од тоа бидејќи тие се порозни, променливи. Бидете како нивната сенка која не трпи помрачување поради нивниот копнеж за опстојување.
Leave a Reply