Зависна од тебе

Има и такви ноќи. Ноќи во кои си ги подголтнуваш зборовите и мислите. Молчиш и собираш во себе. Го потиснуваш сето она што ги тера солзите да се излизгаат низ очите. Зборовите што би распарчиле срце. Но, сепак тие остануваат само едни недокажани зборови. Зборови кои тежат како планини. И стојат на срцето.

Имаш чувство како да се гушиш од нив. Се прашуваш дали ќе вреди ако проговориш. Се прашувам каде си? Каде си и дали се сеќаваш на мене? Дали барем некогаш чувствуваш трепет во душата кога ќе ме видиш? Бидејќи јас чувствувам. И тоа премногу. А не треба. После се’. А боли душава, верувај ми. Гори срцево како најсилен пламен. Но, ќе преживеам. Ќе помине, си велам.

Не знам зошто се чувствувам вака. Како да дишам, но не живеам. Проклето нека е. Понекогаш ми доаѓа да врескам на целиот глас. И би сакала да сум во твојот живот, најмногу од се’. Би сакала да ме однесат ветровите кон тебе. И ти да ме дочекаш со раширени раце. Да се почувствувам барем уште еднаш среќна. Онака вистински.

Во мојава душа ти пушти корени. За жал. Засекогаш ќе останеш моја непреболена и последна станица на којашто секогаш се враќав. Моја последна надеж. Капка среќа. Сјајот во очите. Најсилно отчукување на срцето. После тебе пораснав. Пораснав и станав одговорна. Претпазлива. Не сум веќе наивно девојче кое трчкаше наоколу. Главава ја губев по тебе. Залудно нели? Залудно е кога не ти е возвратено, а даваш се’ од себе. Секој атом од телото го посветуваш на една личност. И тоа несвесно. Замисли.

Со тебе беше толку спонтано. Толку необврзано. Лесно. Едноставно. И затоа остана како една важна личност во мојот живот. Бидејќи не сум навикната на едноставно. Се навикнав на тешкотија. На работи коишто ќе ме разочаруваат. И како само тоа да го очекував. Да бидам повредена и скршена на парчиња. Ти направи да се чувствувам слободно. Да се чувствувам толку невино и чисто. Да се чувствувам безгрешна. Да не размислувам на ништо.

Додека дишев со полни гради наеднаш почувствував еден огромен бран на гушење. Гушење од љубов. Бран којшто ме разнесе и ме потопи. Јас не сфаќав дека со секоја средба со тебе, со секој повик и разговор со тебе, секоја воздишка, секој допир… Не сфаќав дека станав зависна. Зависна од тебе. Се чувствував како да губам светлина кога не сме заедно. Чувството дека го губам здивот беше се’ посилно.

Можеби не ни знаеш. Не знаеш како ми влијаеше ти. Дека направи една преголема меморија во животов мој на којашто секогаш ќе се присетувам. Секогаш ќе бидеш тука. Во мене. Секогаш ќе одсјајуваш како најсветла ѕвезда. Од оние коишто исполнуваат желби. Ти ги исполни моите. Да бидам среќна. Но, едноставно ти беше оној на кој немав никаква потреба да му се објаснувам, да кажам било што, бидејќи знаев дека знаеш. Беше единствен што ме разбираше со поглед.

Навистина е така. Жалам што не успеавме. Штета што не можеше да го чувствуваш она што силно тлееше во мене и за коешто не можев да најдам вистински зборови за да ти го опишам. Жалам што тоа беше единственото нешто што не можеше да го прочиташ од мојот поглед. И жалам што не бев доволно храбра за да ти кажам.

Стефанија

Leave a Reply

Theme: Baskerville 2 by Anders Noren.

Up ↑

%d bloggers like this: